hdr_vivid

Кога прв пат мојот Ленин го донесе чупето дома, демек да ја запознаеме, ни вели :

– Ова е Кики !

Мене ми светнува во мозоко КИКИ БОНБОНИ НА КРАШ – ЗАГРЕБ , ама си мислам не е можно да го крстиле чупево по бонбоните . Прашвам, чупе како ти е правото име ?

– Катерина – Велика, ми одговара .

Значи Кики скратено од Катерина – Велика, не ми е баш јасно ама си премолчав. Може да се вика како сака,ама мене ми светна друга идеја, под хитно да проверам, да не е случајно истиот нунко како нашиот Панде. Не е, овој на Кики е заљубен во царска Русија а нашио во социјалистичка .

Ви ја кажав приказната за нашиот нунко ? Многу е интересна. Нашиот нунко Панде по потекло од село Буково беше чиновник од типот клати врата – земај плата. Суниско чоече со еден качкет на глаата што го носеше зиме, лете. Темно гри пантолони и светло гри сако , светло сина кошула , темно сина гравата и исто такво шамиче во горнио џеб од сакото .Челите секогаш црни и секогаш истиот модел – лаковани . Зимно време носеше едно три четврти дебело палто што го правеше уште помал . Главна професија му беше нунко . Самиот тој неженет, ама аирлија рака,,се´ што венча , околу петнаесетина пара , се кердосаа со негов благослов и околу триесетина и кусур бебиња крстени од него. Ден – денеска можам да ги препознаам сите тие бебиња само по името. Сите руски, фали уште ( Госпо да чува), Сталин . Носеше како поклон едно кошулче шиено на модистра, ставрото со тантела на ракавите и околу вратот . Ене ги уште ги чувам, заедно со папочната врвка , белегзијата ,првото запче и првото праменче од косата кога за прв пат ги истриживме кај Зуди берберо . Кога го крштеваше мојот Ленин , веќе подостарен , го држев под рака кога се вртат три пати околу садот кај што ги капат бебињата што ги крштеваат. Ми беше страв да не се ошумоглави од толку вртење па да се струполи на земја заедно со максамот , односно Ленин што го држеше в раце . Го знаеа попоите и во црквата си беше одомаќен, како да си е дома во неговата куќа. Бог да го прости,ама навистина ни донесе бериќет и среќа . Сега ми текна , кога влеговме прв пат во куќата што си ја направивме во дворо,викнавме поп да ја освети и обавезно нункото (идејата беше на свекрва ми), демек нема зијан , чоекот носи среќа иако завалијата никогаш не си оформи семејство . Менде мој многу го почитуваше, ќе си се напиеа по некоја ракиичка со салата и мезе и на крај ќе речеа по една песна. Така ги научив напамет „Калинка, Калинка маја”, „Очи чарније” и уште неколку руски песни. Не знам дали денеска може да се најде нунко што за поклон носи кошулче , поклон за бебето а шиено кај модистра ? Тешко , други времиња , друга мода што би рекол мојот умен Менде . Како велат, нункото е како втор татко , затоа да си го почитувате ! Поздрав , ПАЦА !

Анастасија Кокан Петровска