По Првата светска војна, покрај погорните забави, започнале да се организираат и карневалии. Корените им се од Стариот Рим, каде биле познати како баканалии, луперкалии и сатурналии, а биле поврзани со култот на плодноста.

Биле масовни, радосни, разуздани, проследени со бројни преоблекувања, со музики, песни, со општо лакардијашење и траеле седум дена, од 17–23 декември. Ограничувањата биле исклучени, робот можел да ја земе улогата на господарот и за тоа да не биде повикан да одговара. Ваквите прославувања и преоблекувања, сега поврзани со постот (карне–месо, вале–збогум), се среќавале и во ренесансата во градовите од Медитеранот, ги имало и во Германија.

Во крајот од 18 век ги среќаваме и во Солун меѓу европските трговци на времен престој, кои летното слободно време го користеле во лов и риболов, зимското во игри со топка и во карневалии и покрај отпорот на муслиманското население и јаничарите од градот.

Битолската карневалија по Првата светска војна веќе била одомаќена. На Широк Сокак, на Поклади, во 1922 год., можно било да се види шаренолик и броен свет, еден дел преоблечен и во интересни костуми.

Карневалски преобразувања имало и за времебугарската управа, при што најбројни биле имитацијата на свадби, мажи кои имитираат зет и невеста, жени во улога на мажи, како и креации од најфантистични ликови. Тоа траело неколку часа, а маскираните, за да привлечат внимание, употребувале штракала и конфети, со кои ги опсипувале минувачите.

Вечерта, некаде околу 20 часот, сето тоа завршувало со заедничка забава во една од поголемите градски сали, кога
најинтересната и најоргиналната маска обезбедувала пригодна награда.

Традиција на вакви празнувања има и денес и во градот, а и во битолското село Цапари. Маските во Цапари се традиционални, некои донесени и од САД, Канада, Грција, Турција, Бугарија и од други странски земји. Бројот на учесниците им е флексибилен, а возраста нивна од 15 до 30 години. Не се инсистира од учесниците да се цапарчани, можат да се вклучат поединци и од други села и од странство, иселеници, дојдени само да го одбележат празников.

Калеидоскоп, Александар Стерјовски