Првите почетоци на велосипедизмот на овие простори се јавуваат во последната деценија на XIX век. Велосипедите во прво време се користеле како превозно средство на полицијата, војската и поштарите, за подоцна да добијат помасивен облик.

Еден од најстарите велосипедски клубови во Македонија е клубот „Спорт“ кој бил формиран од познатиот балкански кинематографер Милтон Манаки во Битола, 1906 година.

Интересно е да се знае дека зборот велосипед останал од времето кога за прв пат во османлиската империја се појавило ова превозно средство. Во сите извештаи и новинарски написи терминот кој се употребува за ова превозно средство е велосипед.

Иако постоеле и други имиња, за битолчани зборот „точак“ бил најшироко употребуван во јавност.

На фотографија, група битолчани со своите велосипеди на излет на Тумбе кафе, пред киоскот, сегашна меана Тумбе Кафе, кој бил специјално направен за посетата на султант Мехмед V Решад во 1911 година.