Во Битола во 19-тиот век најверојатно се произведувало порцелан. Доказ за тоа се овие порцелански филџани за кафе кои се постари од 150 години, се уште сочувани и под нив имаат жиг на кој пишува: F. M. A. Bitolj

Многу се лесни, а тоа докажува дека се работи за квалитетен порцелан кој потешко се крши. Еден филџан тежи 41 грам и се верува дека се рачна изработка.

Наследени се од баба на битолчанецот Стефан Најдовски, роден во XIX век, поточно 1886 година. Неговата баба по мајка родена исто така во Битола во првата половина на 19-ти век, ги остава на нејзината снаа за син по име Ицана (мајка на Стефан Најдовски).

Стефан Најдовски роден во Битола (1886 – 1948) со сопругата Лена Најдовска исто така родена во Битола (1895 – 1983)

Таа потоа и ги остава на нејзина снаа за син, Лена Најдовска родена 1895 г. (сопруга на Стефан Најдовски), која и ги остава на нејзина снаа за син, Илинка Најдовска родена во Битола во 1936 г. (сопруга на Александар Најдовски – Чано роден 1930 г. во Битола, син на Стефан Најдовски).

Александар Најдовски – Чано (1930 – 2016) со сопругата Илинка Најдовска родена исто во Битола 1936 година.

Понатаму ги наследува ќерката на Александар и Илинка Најдовски, Дијана Првуловиќ родена 1959 г. а сега ги има нејзиниот син Сашо Првуловиќ.

Лена Најдовска (1895 – 1983) со синот Александар Најдовски – Чано роден во Битола (1930 – 2016), Снаата Илинка Најдовска и внуката Дијана Првуловиќ. Фотографија од почетокот на 1960-тите.

Можно е да се и многу постари од 150 години, затоа што не знаеме дали и бабата на Стефан Најдовски (родена во првата половина на 19-ти век) ги наследила од некој или се лично нејзини, но жигот потврдува дека се произведени во Битола.

Да се надеваме дека ќе бидат сочувани барем и во наредните 150 години, затоа што се дел од битолската историја и едни од постарите сочувани предмети од Битола.

Но тие не се единствениот доказ дека во Битола се произведувал порцелан. Сочуван порцелански филџан за кафе, кој исто така датира од тоа време, има и Анастасија Петровска под кој го има истиот жиг: F. M. A. Bitolj

Доколку имате и вие некои стари предмети произведени во Битола во или пред XIX век, испратете ни да ги објавиме.