Кога и да се спомене Театарот во Битола, а некогаш и Битола, најчесто се нагласува дека и познатата француска актерка Сара Бернар (1844 -1923) го посетила градот за време на Првата светска војна. Накратко, текстот кој се споделува е нешто слично на ова:

„ Сара Бернард била во Битола во екот на Првата Светска војна, кога тука било средиште на Солунскиот фронт. Во Битола доаѓа во август 1916 година ( во други 1915 г ) поради заљубеноста во еден француски генерал кој е еден од командантите на Фронтот а воедно и да ја забавува француската војска. Таа во тоа време имала 17 години и во Битола се задржала само едно деноноќие..“

Е сега ова можи и беше интересно пред појавата на интернетот, ама:

1. Со едноставна математика можи да се утврди дека за време на Првата светска војна Сара Бернар има над 70 години.

2. Ако прочитаме на интернет ќе видиме дека во 1915 г. и ја ампутирале десната нога, а во 1916 година заминува во САД до 1918 г.

3. Војските на Антантата (Франција, Србија…) влегле во градот на 18 ноември 1916 година и во период од околу 2 години Битола била постојано бомбардирана, па тешко дека на некое место во градот би се одржала театарска претстава.

Факт е дека Народниот театар Битола е најдобар во Македонија и мислам дека нема навистина потреба од вакви приказни.

Сара Бернар за време на војната снимила два филмови со патриотска тематика и глумела на неколку претстави на Западниот фронт. Моја претпоставка е дека за време на ПСВ (1917-1918 г.) на некоја од „посигурните“ локации во близина на Битола биле прикажани овие филмови, па најверојатно така се развила и целата оваа приказна.

Јове Парговски