Битолскиот рап отсекогаш важел за нераскинлив дел од алтернативната сцена во градот, чија присутност е секогаш со различен степен на изразеност. По неколкугодишна пауза, битолските рап групи „Стиховно Војување” и „Поетика” објавија нова песна со видеозапис, што значи вистинско освежување не само за битолската, туку и за македонската рап сцена којашто последниов период впечатливо недостасува во музичкиот етер.

Песната претставува уште една од низата успешни соработки помеѓу Христијан – Кичо (Стиховно Војување) и Јове (Поетика).
Во нивниот препознатлив стил, песната зборува за промените со кои може да се соочи една младост и носталгијата по заедничките времиња кои оставиле трага во понатамошниот развој на личноста. Текстот зборува за еден поинаков свет кои го изградиле по патот на своето плодно творештво.
Песната е снимена во Amazing Records во Битола, а за миксот и мастерингот беше задолжен продуцентот Бертини Асановски. Зад режијата и целото видео остварување стои Дејан Трајчевски и неговата продукција Encore Media Production од Битола.
Спотот се снимаше изминатиов период на неколку локации низ Битола. Гостин во песната е Игор Мицевски со кој и претходно имаат соработувано на различни музички проекти.