Дали некогаш сте се запрашале зошто во градот се проектираат улици чија широчина на ленти е наменета за движење на возила со брзина од 90 km/h кога максимално дозволена брзина во населено место е 50 km/h?

Дали некогаш сте се запрашале зошто во вашата зграда задолжително треба да има паркинг места за автомобили, ама не е задолжително да има паркинг места за велосипеди?

Сигурно сте се запрашале и зошто билбордите, канделабрите, кантите за отпадоци, столпчињата и други видови на урбана опрема, не се поставени на начин на кој нема да го отежнуваат движењето на пешаците и велосипедистите.

Вакви прашања, години наназад, упатуваме и ние до институциите. Одговорите се дека такви се законите, такви се правилниците или пак дека не е регулирано во истите.

Законската регулатива треба да ги следи потребите на граѓаните и да биде во согласност со новите сознанија и светски искуства поврзани со безбедноста и квалитетот на животот.

Во таа насока НаТочак – Скопје заедно со Битола НаТочак, Прилеп НаТочак, Гостивар НаТочак и Штип НаТочак презедоа низа на активности поврзани со подготвување и поднесување на официјални барања за промена на Закони и подзаконски акти со кои сметаме дека значително ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот и ќе се подобри квалитетот на живот во градовите.

Нашиот прв чекор е промена на делови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Поднесовме предлог со кој ја исклучуваме можноста во населено место да се проектираат улици за движење со брзини од 90 km/h.
Поднесовме предлог да се намали широчината на коловозните ленти, а со тоа ќе се намали прекумерната брзина на автомобилите. Брзината е причина број 1 за сообраќајни судири со тешки повреди и смрт. А инфраструктурата е фактор број еден кој психолошки им влијае на луѓето да развијат одредена брзина.

Со намалување на широчината на коловозните ленти ќе остане и повеќе простор за пешачење, возење точак, зеленило и други содржини.
Со намалување на широчината на коловозните ленти ќе се намали и цената за изградба на овие улици кои се плаќаат од народни пари.
Зошто да се трошат јавни средства за 20% поскапа изградба и одржување?
Зошто лентите на коловозот на булевар да бидат широки по 3,5 метри кога може да бидат 3 м? Заштедата само за изведба и одржување ќе биде околу 20%.
Дополнително ќе се спасат животи, ќе има заштеди во здравството, градовите ќе станат попријатни.

Поднесовме предлог да се воведат велосипедска улица и велосипедски пат како нови категории на улици.
Поднесовме предлог велосипедскиот паркинг да стане задолжителен за секој новоизграден објект.
Ако паркингот за автомобили е задолжителен при изградба на објекти, зошто да не е и за велосипеди?
Да го направиме паркирањето на велосипедот практично, достапно и безбедно.

Еве неколку примери:
Минимум 2 паркинг места за велосипеди на една станбена единица за станбени згради
Минимум 1 паркинг место на секои 5 ученици за објекти од образование
Минимум 1 паркинг место на секои 50 m2 за комерцијални објекти
итн. за сите различни намени на објекти и простори

Загарантираните паркинг места за велосипеди ќе придонесат за поголема примена на велосипедот како превозно средство.

Поднесовме предлог урбаната опрема да не го попречува движењето на пешаците и велосипедистите.
Ако не е дозволено поставување на билборд сред коловозна лента, зошто да е дозволено да се постави сред пешачка или велосипедска патека?

Има уште многу подобрувања кои можеме да ги направиме на регулативата од областите градење и урбанизам за да поставиме основи за планирање на улици со цел безбедност за сите, за да поставиме основи за похумано планирање на градовите воопшто.

Денес во светот се тежнее кон еден поурамнотежен, побалансиран модел на сообраќајот и на развојот на градовите. Во таа насока треба да се менуваат и законите.
Тоа е од добробит за сите жители без оглед на начинот на превоз кој моментално го користат.

Поднесовме и ќе продолжиме да поднесуваме предлог измени за овие и за други закони и правилници за градовите да станат поубави места за живеење.

Подобри закони за поубави градови!
Поддршка за промените!

Битола на Точак