Секое време има свои херои, а херој на нашето време е Пеце Јанкуловски (41) багерист од РЕК „Битола“, кој во големиот пожар што го зафати атарот на селото Паралово, од огнот ги спаси и селото и манастирот „Св. Ѓоргија“. Пожарот избувна на 10 август, во планински терен испресечен со суводолици и по три беше ставен под контрола.

Нашиот херој вели -„Силата ми ја даде искуството со машината, пожарникарите ми велеа: Kај се најде бе дете ти, в оган влегуваш! Ми викаа: повлечи се! Каде ќе се повлечам додека не изгаснам. Огнот беше на 150 до 200 метра до манастирот.“

Јанкуловски е жител на битолската населба Горно Оризари со близу 24 годишно искуство како ракувач на градежни машини во РЕК „Битола“. Како ретко кој досега Пеце ова лето не само што се покажа како пожртвуван работник, туку и крајно предан на своите должности, напати преземајќи ризици опасни по неговата безбедност и живот во борбата со огнената стихија.

Со булдожер, Пеце направи заштитен појас околу селото и не дозволи пламените јазици да го распараат ниту Паралово, ниту манастирот каде се наоѓа вечното почивалиште на војводата Ѓорги Сугарев.

„Го прекинав годишниот одмор и се вратив на работа. Пожарот беснееше, на терен веќе беше „Коматсу“ 375, еден од најголемите булдожери во РЕК ‘Битола’. Техничарот ми даде инструкции дека машината треба да ја пренесам од село Грумази до село Тепавци, во меѓувреме стигна друга информација дека претходниот ден кога гаснел колегата му се урнал мостот. Двајца жители одеа пред мене и ме носеа по друг алтернативен пат. Патот беше широк 2-3 метри, а машината двојно повеќе – 6 метри. Не се исплашив, долу од страната беше провалија длабока 300-400 метри, а патот накосо. Гледав само како да излезам на височината на врвот за да се спуштам кон Паралово со големата машина“, раскажува Пеце за „Зелена берза“, еден месец по големиот подвиг.

Искуството со машините ти дава самодовербата да ја совладаш машината, ако се плашиш машината ќе те совлада тебе!

текстот продолжува ТУКА

Извор Зелена Берза, Анета Блажевска