На предлог на Државен Архив Одделение Битола заедно со препораки од академици, професори, доктори на науки, познати и признати научни работници, поранешни добитници на 4-то ноемвриската награда, новинари, познати битолчани и еснаф луѓе без резервно застанаа зад нивниот предлог нашиот битолски хроничар, фотограф и новинар Петар Ставрев ја доби наградата за животно дело по повод 4-ти Ноември, денот на ослободувањето на Битола која ја доделува девет члена комисија составена од советници во Општина Битола.

Петар е жива легенда на Битола. Несебично го помагал Архивот во бројни проекти и придонесувал за успешна презентација на архивскиот материјал кој се чува во нашите депоа. Вработените во Архивот во Битола многу добро знаат колкав е придонесот на Петар Ставрев за Битола
Државниот архив – Одделение Битола и сите тие, со целиот свој интергритет, апсолутно стојат зад предлогот Петар Ставрев да ја добие 4-то ноемвриската награда за животно дело.

Инаку Петар Ставрев е просветен работник, новинар, фотограф, фото-репортер, документарист, ТВ – репортер, уредник, автор, хроничар на градот Битола, репрезент на Битола и урбана личност без која не може да се замисли животот на Широк Сокак.

Неговиот придонес за историјата на градот од аспект на фото документирање на настаните, местата и личностите на Битола е непроценливо голем, но за жал недоволно препознаен и признат. Изминатите 60 години Петар Ставрев ги фотографира сите настани во градот. Неговиот објектив ги има забележано сите премиери на Народниот театар – Битола, сите изданија на фестивалите: „Илинденски денови“, фестивалот на „Монодрамата“ , Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ и многу други. Петар Ставрев е секогаш присутен да ги фотографира сите изложби, спортски настани, промоции, перформанси, комеморации. Од тој аспект неговата фото документација е од исклучителна важност за Битола, за нејзината историја, за идните генерации. Она што биле браќата Манаки за Битола во почетокот на XX век, тоа е Петар Ставрев денес. Хроничар на животот во Битола, на битните настани и случувања, на седенките на Широк Сокак, на убавините на Пелистер. Има организирано над 50 фото изложби на различни теми. Десет години организира изложби посветени на 4-ти Ноември, меѓу другите позначајни изложби се и оние посветени на Прва светска војна, Милтон Манаки, Пелистер, збратимувањето на Битола со Епинал, Илинденски денови, Фестивалот на монодрамата, музика, фолкор, знаменитостите на Битола и многу други. Во холот на Хотел Епинал е поставена трајна поставка за ИФФК „Браќа Манаки“ на која е коавтор заедно со неговиот син Сашо Ставрев.
Автор е на повеќе од 300 документарни филмови. За филмовите „Црвени стени“ и „Враќање“ е добитник на наградите „Златна плакета“ од републичкиот фестивал на аматерски филм и награда од фестивалот „Камера 300“. Покрај наградените филмови автор е на серијалот „Патуваме откриваме“ – хроника на Битола и околината. Во тој серијал Петар Ставрев го забележува животот во сите мали места околу Битола и пошироко, го бележи животот во селата кои се во изумирање. За некои села неговите видео записи во серијалот „Патуваме откриваме“ се и единствената видео документација. Автор и уредник е и на серијалите „Од поле до планина“ и „Два пати исто, но сепак различно“. Затоа Ставрев е модерниот патеписец чии видео и фото записи се од непроценливо значење и слика за времето во кое живееме.
Проучувач е на Првата светска војна. Ги има мапирано сите значајни точки од Солунскиот фронт, кои се во близина на Битола и детално ги има проучено настаните што се случувале во Битола за време на Големата војна. Затоа постојано странски експерти, светски истражувачи и научници го ангажираат Петар Ставрев да им биде водач по патеките од Првата светска војна. Од рововите на врвот Пелистер, преку Кајмакчалан до Добро Поле и до сите села кои се наоѓале на фронтовата линија, сите тие места се детално проучени од Ставрев, токму затоа е ценет во научната јавност која се занимава со проучување на Првата светска војна.
Само во оваа 2022 година, на негова 81 годишна возраст реализираше повеќе проекти од кои најзначајни се: Издавање на повеќе написи и организирање повеќе фото изложби по повод годишнината од формирањето на Националниот парк „Пелистер“; Во чест на 21 април – денот на формирање на партизанскиот одред „Пелистер“ подготви фото изложба „Со факелот на слободата до победа“; Беше коавтор на Монографијата „76 години позитивни активности“ во издание на Здружението на пензионери од Битола; Продолжи со издавање на весникот „Занаетчија“ и весникот „Пензионер плус“ во соработка со Сојузот на пензионери на Македонија; Традиционално ги фотодокументираше Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, Битфест; Фестивалот на монодрамата; Фестивалот „Музика на светот“, „Илинденски денови“ и сите останати настано од областа на спортот и културата во Битола.
Како новинар во Радио Битола, во Радио Скопје, во весниците „Нова Македонија“ и „Вечер“, а потоа и на Македонската радио телевизија, „Радио телевизија Србија“, ТВ Орбис и ТВ Тера има реализирано неверојатни проекти. Има направено интервју со голем број значајни личности од Битола, Македонија, Балканот и со светски познати ѕвезди. Вељко Булаиќ, Кетрин Денев, Калудија Кардинале, Павле Вујисиќ, Милена Дравиќ, Мирослав Радојчиќ, Дарко Дамески, Габи Новак, Ѓорѓе Маријановиќ, Јовица Угриновски, Илина Арсова, Сашко Кедев, Славе Димитров, Јонче Христовски, Виолета Томовска, Тереза Кесовија се само дел од оние кои ги интервјуирал Петар Ставрев. Но можеби најзначаен од сите личности кои застанале пред микрофонот на Петар Ставрев е Милтон Манаки.
Последното свое интервју, снимено на 18.02.1964 година, Милтон Манаки го завршил со аманет за Петар Ставрев – да продолжи по неговиот пат, да го наследи, да прави по една слика за историјата