Пред да се оформи Горната Чаршија, односно подоцнежниот Пекмез Пазарот, неколку османлиски семејства беа го префрлиле Драгорот од левата на десната страна, формирајќи ново, Феруз маало, за чии потреби нешто подоцна се подигнале и џамиите „Ахмед кадијната“ и „Махмуд челебијната“ („Јени џамијата“).

Последнава џамија настанала како дел од богат вакаф во кој се вбројувале дуќани, маази, куќи, анови и други објекти, кои, почнувајќи од првите децении на 17 век, станале познати и како Горната Чаршија. Повеќето од нив биле со стопанска, комерцијална или услужна намена. Во 1634 год. во два дуќана се продавал многу омилениот среде османлиите, мраз, имало неколку сапунџиски дуќани, исто толку и берберски, од кои еден му припаѓал на Кади Ахмет ефенди, во други дуќани, пак, се продавале мед, наут, од кој се правеле леблебии, па дрвени лажици, како и друга стока.

Откако дел од дуќаниве се специјализирале и за одреден вид стока, откако почнал да се нуди и прочуениот и омилен пекмез, од кој најпопуларниот го произведувале Јуруците, чаршијава добила уште попознато име, Пекмез Пазар.

Во раниот период, очекувано, низ него можел да се сретне и празен простор, па и јавен пат. Покрај стока, многупати се нуделе и задоволства. Битолчани, и муслимани и христијани, радо навраќале да уживаат во бројните кафеани, ахчилници, бозаџилници, во кои, покрај боза, потајно, најмногу заради верската и административната забрана, се нуделе и алкохолни пијалаци.

Имало и притаени објекти во кои зависници од опијати, полулегнати на подни лежишта, неколку часа уживале во дремлива опуштеност, секогаш под будното око престојот да не им биде нарушуван. Имало и слаткарници, најмногу со популарните кадаиф и алва. Во задоволствата се вбројувало и колективното капење во топла бања кое човек можел да си го прибави во секое време во тукашниов „Шуќур амамот“.

Заради популарноста, многупати преминувал од раце во раце, а за 20.300 гроша, во 1869 год., беше го купил амамџијата Мехмед ага, син на Хасан. Со сите тие содржини чаршијава се преобразила не само во скап трговски центар, туку и во елитен, оттаму кириите или продажните цени на објектите да станат превисоки. Во првите децении од 17 век некој си Мустафа од друг Мустафа, купил дуќан за фантастични 3.000 аспри, токму и заради превисоката цена, купувачот се поколебал во пазарот набргу и го откажал.

За бозаџиски дуќан, во 1828 год., киријата изнесувала 12 аспри за пренос на сопственоста на дуќан цената можела да изнесувала и 12.000 аспри итн. Покрај стопански објекти, рано се лоцирале и луксузни и удобни куќи и тоа станало основа една од нив да се подготви да биде резиденција за Сулејман Законодавецот, кога престојувал во Битола. Покрај Градскиот часовник, во 19 век, се наоѓало Беледието (Градската општина), како и трикатниот Новиот сарај, претходно индивидуален дом, во кој за време српската управа ќе се смести Поглаварството.

За жал, овој прочуен и толку фален пазар векот го заврши прозаично, со онаа крајно несфатлива насилна акција од 1948 год., изведена со намера да се добие плоштад од каде ќе се испраќаат пораки преку гласот на „100.000 митингаши“.

Извадок од „Градби“ на Александар Стерјовски