Со Госпо напред Мендо почна да го спрема возачкиот испит . Седнат на масата како учениче, си збора нешто и превртва со очите. Од време на време ќе ме викне: Пацо ,ајде да ме преслушаш! Еднаш, два пати, дваесет пати , го спремив и јас возачкио . Му велам на Мендо да го полагаме заедно ,оти и јас го научив . Аман Пацо,знаеш дека штедиме, а таму не е без пари и не се склдисувај, ќе те возам кај што сакаш, ќе бидеш како онаа англиската кралица , ќе си имаш личен шофер . Ме убеди со тоа што ме спореди со англиската кралица. Сега ми е мака што му повервав, оти личнио шофер често имаше поважна работа отколку да ја вози англиската кралица. Мендо го полагаше испитот три пати , првиот не ги положи тестовите, вториот падна на вожња и третиот даде Госпо положи и официјално доби дозвола да вози кола . Ми објасни дека ќе научиш појќе и ќе станеш салам шофер ако полагаш неколку пати. Не му повервав, ама Мендо попрво ќе се обеси отколку да признае дека нешто е крив . Една вечер ми вели Мендо,утре одиме во Претор , сефте да напрајме на колата , спреми нешто за јадење. Станав рано, испржив ќофтиња, направив Шопска салата и испеков еден кекс . Зедов и троа ракија, неколку шишиња пиво, спремив кафе во еден термос, пластични пајнци и филџани и едни пластични виљушчиња. За децата резервни блузи,гаќи и по еден пар пантолони со долги пачаици и по едно џемперче , за не дај Боже ако залади . За грицкање неколку пакетчиња грисини, сокчиња и чоколада. Уште од рано сабајле товаривме во багажнико и еден гумен душек,чадор за сонце, пешкири, пластични сандали за децата и маслиново масло со наваличе за мачкање оти прв пат излегваме на сонце па можи да ни изгори кожата . Шуќур тргнавме и додека да излеземе од чикмако , три пати му угасна моторо . Си мислам , да не требаше Мендо да полага уште еднаш , ама молчам, ништо не кажвам .Некако го опраивме пато, а јас само делам совети : Мендо, овде пишува стоп, овде вози со 50 а ти возиш со 55, оној со колана отспротива иди право на нас, ене сообраќаец , можи нас не чека да не казни. Му се збоктиса на Мендо,ја застана колата на една широчинка и ми вели: Слушај Пацо, ако уште еднаш ја отвориш устата, жими децата ќе те исфрлам на пато . Кога Мендо ќе се заколни во децата , нема враќање назад, ќе го напраи тоа со што ми се закани . Стигнавме во Претор, жими мајка , цела Битола беше таму, вода не се гледа од луѓе. Децата веднаш си влегоа во водата , ние едвај најдовме место да го наместиме чадоро. Викам по Жаклина да излези од водата , Ленин не го спомнувам оти цела Битола ќе се пулеше во мене . Жаклина и Ленин немојвме да ги извадиме од водата, посинеа во муцките и почнаа да тафтаат со вилиците. Се видовме со луѓе што ги немав видено со години како да не живеевме во ист град . Си ручавме, се напивме и ракија и кафе а децата не престанаа да пијат сокчиња и затоа везден влегваа во водата . Си велам со умо, на толку народ , ако секој по еднаш пушти вода кога ќе влези да се капи, ќе се стопли езерово и ќе биде таман за капење. Поцрвеневме во кожата, ами ако за неколку дена ќе бидиме како исончани. Убо си поминавме, грев ќе ме фати ако се пожалам на нешто. Се товаривме во колата и назад за Битола. Децата испозаспаа на задните седишта а и мене почнаа дремки да ме фаќаат. Влегваме во Битола, моја територија и опа еве ја старата Паца со нови совети за нашио возач. Мендо врие , крцка со забите и на крај почна да пее. Пее паленио многу убо, Наум Петрески не му е рамен. Јас роден антиталент за пеење , ме докусури Мендо кога ми рече: Чудо нешто Паце, убаа жена си а гласо како чавка да грака. Сега си пеам кога сум сама а му простив на Мендо што ме нарече чавка ,оти на почетоко кажа дека сум уба. Кога ќе размислам ,ретко кога да не му имам простено,што да правам, го сакам Мендо и тука ми нема помош . Поздрав – ПАЦА !

АНАСТАСИЈА КОКАН ПЕТРОВСКА