Во Битола има неколку здруженија за заштита на животни кои се активно вклучени во процесот на спасување, лекување, згрижување и вдомување на бездомни кучиња. За тие кои не знаат, обично здружението е тим од 2-3 активисти-волонтери, значи не е организација со десетици членови кои се вработени во тоа здружение и земаат плата, туку здружувањето е на волонтерска база. Здруженијата немаат приходи ниту помош од државата или локалната самоуправа, оставени се сами на себе да се снаоѓаат за средства и храна за згрижените кучиња и сите имаат долгови кон ветеринарите.
Процесот е долг и мачен и со овој напис сакаме да ја побиеме небулозата дека здруженијата за животни заработувале пари со продажба на улични кучиња и затоа сакале да ги има по улиците на Битола.

Процесот на вдомување на улично куче во странство воопшто не е едноставен, особено во услови кога и шелтерите и на развиените европски земји се полни со кучиња, имаме земји во регионот кои исто така имаат голем проблем со бездомни кучиња како што се Романија, Бугарија, Грција, Албанија, Босна и Херцеговина итн. Македонија котира на високо место помеѓу земјите со најголем број на бездомни кучиња во Европа.

Еве неколку чекори од процесот на работење на едно здружение:

1. Потребно е да нагласиме дека здруженијата се први во борбените редови кога на улица ќе се појави куче кое не се снаоѓа добро на улица, кога сопственикот го напуштил, кое е повредено, болно или кога има легло од мали бебиња. Така згрижувајќи едно по едно, одредени битолски здруженија стигнале и до бројки од 70-80 кучиња да имаат згрижено во нивните шелтери. Одржување на еден шелтер подразбира секојдневно хранење на кучињата, чистење, ветеринарна грижа, социјализација, фотографирање и објавување на кучето по социјалните мрежи во странските групи каде се бара дом. За жал има кучиња по шелтерите кои со години не се вдомуваат. Дневен трошок само за храна на гореспоменатата бројка на кучиња е минимум 3000 ден.

2. На секое куче пред да биде објавено за вдомување, му се врши проценка на состојбата. Доколку кучето има повреди или здравствени проблеми, може да биде потребна ветеринарна помош. Задолжително е редовно прочистување од внатрешни и надворешни паразити, вакцинација, како и редовни тестови преку примероци од крвта за најчестите болести и состојби кај кучињата како што се парво вирус, ерлихија, штенечак, џиардија, лајшманија, бруцела, срцев црв итн. Некои од овие состојби се лекуваат целосно, а некои само се ставаат под контрола. Само здраво куче може да патува во странство со негативни тестови на болести (4д тест и бруцела тест).

3. Тренинг и адаптација: Уличните кучиња можат да имаат различни навики и потреби, така што е важно да им се обезбеди време и трпение за да може да се адаптираат на потенцијалниот дом. Тренингот може да вклучува учење на основни команди, социјализација со други кучиња и луѓе, како и приспособување кон новите правила и рутини.

4. Внимателно следење и грижа: Бидејќи уличните кучиња често имаат негативни искуства, може да им биде потребно време да стекнат доверба во луѓе повторно. Затоа, важно е да им се обезбеди поддршка, љубов и безбедност додека се приспособуваат.

5. Објавувањето на социјалните медиуми е клучно за да кучето добие шанса за вдомување. На фб има стотици групи за вдомување на бездомни кучиња и потребно е секојдневно споделување на постови и комуникација со потенцијални вдомувачи.

6.Откако потенцијалниот вдомувач ќе покажи интерес за одредено куче, потребно е да пополни формулар каде ќе даде одговори за себе, домот во кој живее и какви намери има околу грижата и чувањето на миленикот. Трошоците за вдомување вклучуваат патни трошоци (околу 450 евра), ветеринарни трошоци (околу 250 евра каде е вклучена стерилизација, вакцини, сите тестови, чип, пасош итн.). Некои здруженија имаат вклучено и трошок за вдомување од околу 100-150 евра за кои можи да се каже дека се тој фамозен профит кој го прави здружението за едно куче, иако трошокот за кучето кое било згрижено со месеци или години кај нив бил десеткратно поголем.

7.После испраќањето на кучето во некоја европска земја со специјализиран превоз за миленици, активно се следи состојбата на вдоменото куче, како се адаптира и како живее во новиот дом, а според она што го добиваме како информација од здруженијата, сите живеат кралски и брзо се прилагодуваат на новиот живот исполнет со љубов и топол дом.

Важно е да нагласиме дека вдомувањето на улични кучиња е битен чин на човечност и сочувство, а грижата кон животните и нивната благосостојба е показател на нивото на развој на едно општество. За нас, овие луѓе кои се секојдневно на улиците на Битола и се грижат за нашите шепасти пријатели кои повеќе се клоцани отколку погалени, повеќе се гладни одошто сити, се вистинските херои на овој град!
Бабам Битола во повеќе наврати организираше акции за помош на бездомни кучиња и за помош со храна на шелтерите и поканата за помош до сите добронамерници стои отворена.

Досега во овие последни години од страна на сите здруженија се вдомени околу 2000 бездомни кучиња кои свој безгрижен дом пронајдоја претежно во Англија.

Автор: Гордана Аџиева – Михајловска, волонтер

Фото Мали Херои