Лицата од Центарот за лица со интелектуална и физичка попреченост од Битола конечно добија сензорна соба. Опремувањето на сензорната соба беше иницирано пред повеќе од 10 години, но поради недоволно финансиски средства, нејзиното опремување беше на неколку пати одложено. 

Водени од желбата да помогнат, хуманитарната органзиација „Деца“ основана од битолчани, регистрирана во Австрија, организира донаторска акција која се состоеше од продажба на ликовна уметност која беше изработена од самите корисници од дневниот центар, подоцна дигитализирана во форма на NFT’s (Non fungible tokens).

Водејќи се од вредноста за давање на несебична помош на секој на кому му е потребно, повеќе од 30 вработени во ⋮IWConnect се вклучија во акцијата и во рок од само една недела средствата потребни за опремување на сензорната соба беа собрани преку купување на крипто токени. Со тоа, вработените во ⋮IWConnect покажаа дека технологијата може да се користи за постигнување на добротворни цели. Иницијатор на идејата беше Петар Поповски, дел од тимот на „Деца“ и вработен во ⋮IWConnect. 

„Ние сме горди што можеме да допринесеме кон остварувањето на овој важен проект. Ова е доказ дека кога има добра волја и тимска работа, сè е возможно. Најголема радост за нас е што децата ги имаат алатките кои им се потребни за раст и развој.“ изјавија од ⋮IWConnect.

Сензорната соба е интерактивна соба опремена со соодветна опрема која ја потпомага стимулацијата на сетилата за слух, вид, допир, мирис, а воедно влијае и на развој на фина моторика.

Се надеваме дека овој чекор ќе послужи како инспирација и за други компании и поединци да се вклучат и да допринесат кон подобрување на условите и животот на лицата со посебни потреби.