Проблемите со подигањето на домашниот и другиот смет, кои беа во заострена форма и за време бугарската управа, со уште понагласена тежина се наметнаа и во првите години по ослободувањето. Заради малиот број коли и вработени, службата скоро престана и да функционира.
Само што е конституиран Народниот одбор на Градската општина, на седницата од 15 ноември 1944 год., проблемов се наметна како крајно ургентен. Двата прочелници, д-р Дим.
Несторов, прочелник на „Обласниот здравствен оддел“, и д-р Михајло Попов, прочелник на „Градскиот здравствен оддел“, добија задача што побргу да го разрешат, а како прва задача да побараат прием во Командата на војската и да инсистираат мобилизираните ѓубреџиски коли да му се вратат на градот. Причина била што ниту една не остана на располагање за градот. „Повеќепати немавме ниту една кола”, загрижувачки ќе се констатира во еден извештај).
Проблемов како ургентен се наметна и на 7-та седница на ГНОО од 29 ноември 1944 год. Повторно го постави прочелникот Попов, кој инсистираше да се обезбедат не само доволен број ѓубреџиски коли, туку една да биде и со исклучива намена, да го подига органскиот отпадок од кланицата. Доколку тоа не се направи, предупредувал, можно би било состојбите да
ескалираат, па да „стане и некоја епидемија“.
Ваквата состојба нотирана е во извештајот што го дава и „Здравствениот оддел“ на ГНОО од 22 ноември 1944 год. во кој децидно е нагласено дека, заради малобројните коли, градското ѓубре останува со денови неподигнато и дека без располагање барем со две коли „воопшто не може да се замисли хигиена“. Вината повторно се префрли врз војската.
И покрај сите напори, проблемот ќе се провлекува и понатака и неговото разрешување не
било на повидок.
Една година подоцна, во „Годишниот извештај“ што ќе го издаде „Градската здравствена
служба”, а кој бил во врска со анализата на хигиената во градот, по кој знае кој пат константирано е дека хигиената е во тесна врска со дејноста на некои градски служби, пред сè со службата за јавна чистота, потоа со редовното чистење на улиците и со редовното прибирање и одложување на домашното и другото ѓубре и дека за тоа нема да има почист град.
Грижата за хигиената и за јавното здравје како обврска ги имале и „Градскиот санитет“ и
„Ветеринарната служба“. Ветеринарните инспектори биле задолжени да ја проверуваат исправноста на прехранбените производи, млекото дали е разблажено со вода, заради што постојано биле низ пазарите и низ другите места каде што се манипулирало со нив. Останатите посетувале хотели, гостилници, кафеани, крчми, млекарници, фурни, касапници и секогаш реагирале на пропустите и на несоодветните стандарди, потврдува извештајот од 13 јануари 1945 год. До крајот на 1945 год. вкупниот број контролни посети изнесувал 6.000, што мора да се признае дека бил голем успех. Инспекторите биле организирани во групи, една, составена од 4 члена, имала задача да ги проверува кафеаните.
Материјалните трошоци за контролните проверки паѓале на товар на инспектираните.
Ваквата практика, по предлог на „Градскиот здравствен оддел“, имала скалична дефинираност,
слаткарниците од прва категорија задолжени биле со 1.000 лева годишно, од втората категорија со половина од таа сума, фурнаџиите со 200 лева, млекарите со 100 лева итн. Заразни болести имало изобилно и кај домашниот добиток и кај домашните птици. Беснилото и крастата почесто се среќавале кај овците, а чумата кај кокошките. Борбата против нив ѝ била доверена на „Ветеринарната служба”.
Извадок од книгата Јавното здравство и превентивната заптита во Битола на проф. Александар Стерјовски која ја имате ТУКА