Битола, 26.03.2024 г.

Во свечената камерна сала на Офицерскиот дом во Битола, минатата вечер НУ Камерен Оркестар на Битола го изведе својот прв концерт како национална установа, означувајќи го почетокот на својата прва официјална сезона. Концертот „Барокна Фантазија“ беше патување кое ги оживеа најубавите моменти од барокниот период, и ги спои историјата, културата и уметноста преку моќта на музиката

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, со посебно задоволство истакна:

„Задоволство ми е што имам можност да искажам голема радост од успесите на Камерен оркестар – Битола, нашиот омилен камерен состав од минатата година прерасна во национална установа од областа на музиката и усепа високо да ја крене Битола во влијателен музички центар во државата и во регионот. Со поддршката на Камерен оркестар – Битола покажавме сериозна посветеност кон квалитетот на културата. Камерниот оркестар е битолска гордост која со секој нов настап продолжува да изненадува со своето мајсторство, страст, иновативност и креативност.“

Програмата вклучуваше дела од маестралните композитори Хендел, Вивалди и Бах, кои со виртуозност беа изведени од Симон Поповски (виолина), Ангела Димковска (флејта), и Дејан Цветковски (виолончело), првите вработени музичари во оркестарот. Со својата изведба, гостинот на концертот, сопранот Биљана Јосифов, го дополни волшебството на вечерта, овозможувајќи музичко патување низ времето и просторот.

Директорот на оркестарот, Владимир Димовски, го дели својот личен пат кон остварувањето на оваа визија:

„Јас бев четврта година средно кога мојот професор по виола Никола Трајановски со кого подоцна ги организиравме концертите на Камерен оркестар, ме повика да свирам во оркестарот кој тогаш го раководеше Зоран Маневски. Како млад ентузијаст со многу соништа уште тогаш помислив колку би било добро градот Битола да има професионален оркестар во кој ќе се вработат млади луѓе кои после факултет ќе си дојдат во својот град.

На неверување на многумина се оствари мојот и се надевам сонот на голем дел од музичарите во Битола, се случија првите вработувања во оркестарот благодарение на Министерството за култура. Искрено се надевам дека ова не се последни вработувања во оркестарот и дека заеднички ќе се бориме до пополнување на последното работно место.“

Со амбициозни планови за домашни и меѓународни настапи, вклучувајќи и гостувања во престижни концертни сали низ Балканот и концерт во Виена, оркестарот се стреми да го продлабочи своето уметничко влијание на домашната, но и на меѓународната музичка сцена.

„Ветуваме богата програма која покрај што ќе го збогати културниот живот во Битола, содржи гостувања во државата, градови низ Балканот па и гостувања со концерт во Виена. Ако министерството ни има одобрено поддршка за 17 концерти ние се обврзуваме да направиме 30-тина.“ – додаде Димовски пред почетокот на концертот.

За понатамошни информации за идните настани и проекти на НУ Камерен Оркестар на Битола, следете ги профилите на социјалните мрежи на оркестарот – Facebook, Instagram и нивната веб-страница – www.chamberorchestrabitola.com

Фото Диоген Хаџи Коста Милевски