Само неколку месеци пред неговата смрт, речиси на 90-годишна возраст, Јонче
Секуловски сам за себе, или пред публика, а најчесто пред жителите на Старскиот дом, каде што и беше извесно време сместен, ќе се исправеше на двете раце и ќе ги кренеше нозете нагоре, простум, стоејќи подолго време. Со тоа тој ја манифестираше својата физичка подготвеност иако беше во поодминати години. Нешто подоцна, откаку му ја ампутираа десната нога, не беше во состојба да дуби на глава како што се вели за исправањето на раце, но затоа пак не престануваше со другите вежби, што ги правеше речиси целиот свој живот за одржување во кондицијата. Беше личност и многумина со изненадување ги следеа неговите гимнастичарски вежби, учества во маратонски трки, или пак, секојдневните прошетки на „Тумбекафе”.

Јонче Секуловски Ѕидаро

Јонче Секуловски како да не го чувствуваше бремето што го наметнуваат годините. Продолжуваше со физичката активност, потврдувајќи ги своите спортски способности. За многумина беше изненадување, но не и за оние што го познаваа како учител по физичко востпитување и човек што меѓу младите постојано го пропагираше активирањето во гимнастика, трчање, или спортување. Генерации и генерации ученици во ОУ „Гоце Делчев”, каде и што предаваше скоро 20 години, ги навикнуваше на спортските активности. Тој прв ги забележа талентираните ракометари Пеце Димитровски, Стојан Стаматов и другите,
насочувајќи ги подоцна на активно спортување.

И низа други ученици ја согледаа користа од спортувањето токму
по негова заслуга. Кога ќе трчаше наоколу на стадионите или на помали маратонски трки за ветерани, сите се чудеа кој е овој човек што на таа возраст и понатаму спортува. А Јонче Секуловски беше толку едноставен, скромен и повлечен, но вљубен во спортот за што имаше добиено и низа признанија, дипломи и пофалници.

Потекнуваше од селото Гиноец.
Албанија, од татко Троне, кој работеше како ѕидар, активирајќи го подоцна и него во таа дејност. Троне со сопругата Донка во заедничкиот брак ги имаа ќерките Васа, која замина во Америка, Цвета и Вера, кои по Првата светска војна се преселија во Битола, и синот Јонче. Бидејќи во училиштата немаше доволно наставен кадар за презентирање на спортските активности, Јонче уште како млад и афирмиран гимнастичар го остави вежбањето на справи, трчањето и ѕидарскиот занает и се ангажира најпрвин во Гимназијата „Ј.Б. Тито”, каде спортски оспособи повеќе генерации, а вработувајќи се до пензионирањето во ОУ „Гоце Делчев” тоа истото го направи со голем успех. Постојано на секого му советуваше дека е најздраво да се спортува, а тоа го потврдуваше со личниот пример, организирајќи многу слетови, трки, гимнастичарски натпревари на кои учествуваше, без разлика на годините што го надвиснуваа.

Беше оженет, но со сопругата Арса, по потекло од свештеничко семејство, немаа деца, но затоа пак сите ученици и спортисти со кои работеше ги сакаше како свои. Внукот на Јонче, од сестрата Вера, Христаки Ице Спасев мошне детално ни раскажа за одредени настани од животот на овој благороден спортист. Ни кажа дека на една маратонска трка во Марибор некој учесник се изморил и престанал да трча, но пред целта го донеле со возило што не му пречело на Јонче заеднички да ја завршат трката, како и многу други.

Инаку, треба да се спомене дека Христаки – Ице Спасев на извесен начин беше активиран во спортот. Имено, тој како примариус доктор по физикална медицина со години работеше со спортистите, контролирајќи го нивното здравје. Беше активен речиси во многуте спортови кои тогаш се практикуваа во градот, наследувајќи ја традицијата за тоа што ја востановија Јован Калаузи, Владо Белевски, Игор Алтипармаков, Станко и други. На сите како да им лебдеше пред очи настојчивоста на неуморниот Јонче, младите да ги навикнува на спортски активности. Според Ице, тој секое пред и попладне мораше да отиде до Тумбекафе, каде беше и иницијатор да се оформи трим патеката, да трча низ паркот, или да ги манифестира своите гимнастичарски способности. Секогаш се чувствуваше здрав како дрен и беше пример за човек кој од спортските активности имаше само корист, а не штета. Истовремено треба да се каже дека Јонче Секуловски беше и љубител на планинарењето. Секое слободно
време го користеше за престој и обиколка на сите терени на Пелистер, а најзадоволен беше кога со успех ќе организираше некоја масовна гимнастичарска манифестација. Многумина велат дека слетовите што се организираа за разни државни празници беа негово дело, зашто имаше колеги што му се воодушевуваа на неговата активност за спортување на младите. Неговиот братучед Илија Илето Таневски, долги години беше вистински вљубеник во фудбалот. Фудбалер како и подоцна што тоа го направи неговиот син Јове Јовичо Таневски. За да можат да се практикуваат сите спортски активности, треба да се каже дека Јонче Секуловски беше умерен во исхраната, скромен во животот и спортот, заради што и многу генерации нема да го заборават.

извадок од книгата „Битолски спортски легенди“ на Петар Ставрев