На денешен ден 23 март 1906 година во селото Паралово, Мариовско загинал војводата Ѓорѓи Сугарев. Бил учител, револуционер и војвода и познавач на повеќе јазици меѓу кои: грчки, турски, бугарски и руски јазик. Македонски револуционер, учесник во Илинденското востание, битолски околиски војвода. Завршил егзархиска гимназија во Битола, а учителствувал во Кичевско и во Битолско. Учесник во македонското револуционерно движење. Дејствувал во четата на Никола Русински во 1901 година. Бил секретар на Битолскиот револуционерен округ на Македонската револуцуинерна организација (Битолски РОК на ТМОРО), а војвода на чета е од 1902 година. Како окружен војвода и делегат од Битолскиот крај учествувал на Смилевскиот конгрес во 1903 година. Како горски начелник на Пелистерскиот реон и ревизор на четите во Битолско, Ресенско и Демирхисарско учествува во Илинденското востание во 1903 година, а во 1904 година учествува и на Прилепскиот конгрес. Загинал речиси со целата чета во борба со османлиската војска над Параловскиот Манастир Св. Ѓорѓи во 1906 година. Некогашниот битолски учител Сугарев, е еден од најопеаните илинденски јунаци и еден од најблескавите и најхрабрите македонски синови.

“Заплакало е Мариово, заплакало

Заплакало е Мариово, заплакало,
за тој ми Ѓорѓи, Ѓорѓи Сугаре:
– Каде си Ѓорѓи, сега да дојдиш,
од душманите да не куртулиш!
Тогај извикна Ѓорѓи Сугаре, провикна,
од Демирхисарските планини:
– Слушам ве, народ, народ поробен,
слушам ви гласој, гласој жалосни!
Сега за скоро јас ќе дојдам, ќе пристигнам,
со триесет одбрани момчиња,
сите со куси малихери, малихери,
сите со нагант леворвери.
Колку ми тргна Ѓорѓи Сугаре да оди,
во тоа село Паралово,
Бог да го бие кодошо, Петре Лигушо,
што ми го предаде Сугарето!
Кога се најде Ѓорѓи сардисан,
од сите страни кај Чукарите,
тогај извикна Ѓорѓи Сугаре, провикна,
на неговата одбор дружина:
– Клавајте гуни за пусии, леле пусии,
зашто се камен тешко најдува!
Згрмеа пушки, пушки аскерски крвави,
сета дружина му ја убија!
Тогај извади нагант леворвер, Ѓорѓи Сугаре,
самиот крвта си ја пролеа, леле, пролеа,
жив да душманот не се предаде!”

Проколнувањето на Петре Лигушо

“Кога Сугаре гинеше,
во Параловските Чукари,
Битолско солзи ронеше
и Лигушо го колнеше:
– Ој море, Петре Лигушо,
ој море проклет кодошу!
Проклет да бидеш до века,
да немаш аир ни бериќет,
куќата да ти опусти,
од челад поштук да немаш –
ни машко, ни женско колено,
кукајца да ти кукува,
ко утка сам да ноќуваш,
гарвани да те клукаат
и очи да ти колваат,
душа низ нос да собираш,
болен и сам да умираш.”

Песната ја испеа Петар Лутовски – Маљчик од с. Слепче, Демирхисарско, запишал Здравко Божиновски.

Една од најголемите мисли на војводата:

“Додека ние се боревме,мизерувавме и гиневме,некои од народните пари си купуваат куќи и трупаат богатство“ – Ѓорѓи Сугарев

Битола Стари Фотографии