Вчера, на 5.4.2025 за прв пат успешно извршив дигитален пренос на тест слика (видео и аудио) преку катарскиот сателит Es’Hail QO-100, што се наоѓа во геостационарна орбита на околу 38.000 km од Македонија. Со ова Македонија се запиша на листата земји кои емитуваат и примаат дигитална телевизија преку овој сателит.

Ова техничко достигнување не е мало, ако се земе предвид дека досега на Балканот немало ваква активност од Србија, Хрватска, БиХ, Бугарија и Албанија. Од Словенија има 5 активни станици, од Романија само една, а дури 11 станици од Грција. Повеќе од 90% од активноста е од Германија, Велика Британија, Франција, Шпанија и Италија. Дури и од Шведска има само една единствена DATV станица. После приемот на сопствените сигнали испратени кон сателитот, добив потврда на приемот и честитки уште од неколку британски и германски станици.

Патем, слушнав дека најверојатно мојата станица е единствената што има аплинк (за испраќање сигнали кон сателитот) не само од аматерските, туку и од професионалните, односно комерцијалните телевизиски станици во Македонија. Не сум сигурен за Македонската радиотелевизија, но приватните телевизии вршат пренос само преку Интернет до земната сателитска станица во Бугарија, која потоа преку аплинк емитува кон сателитот на Total TV.

До ова достигнување не дојдов преку ноќ, туку преку постепено проширување и надградување на станицата за овој широкопојасен вид на емисија, бидејќи со теснопојасните емисии (CW – немодулирана телеграфија, SSB телефонија и дигиталниот начин FT8) работам повеќе од две години. Последното проширување беше зголемување на излезната моќност на предавателот за 2,4 GHz (S-Band) на 15 W и самоградбата на хардверски рисивер (сет топ бокс) за прием и демодулирање на сигналите што доаѓаат од сателитот на 10,5 GHz (X-Band).

Инсталациите за дигитална сателитска телевизија не се едноставни и во случајот на мојата станица Z31RQ сетапот е следниот.

На предавателната страна:
– SDR (софтверски дефинирано радио) HackRF One за генерирање на DVB-S2 сигналот;
– Компјутер со програмата SDR Angel за софтверска модулација според DVB-S2 стандардот. За формирање и енкодирање на дигиталниот аудио/видео стрим се користи програмата FFmpeg.
– Склопови за филтрирање и засилување на 2,4 GHz сигналот до ниво 15 dBm (30 mW), што се испраќа преку 7 m коаксијален кабел LMR-400 до излезниот засилувач, сместен кај антената;
– Излезен степен, сместен до самата антена, со излезна моќност од 42 dBm (15 W). Единицата за напојување (28 V) заедно со засилувачот е сместен во водоотпорен орман до антената;
– Антена е параболичен рефлектор со офсет фокус и дијаметар 120 cm. Како илуминатор на параболата за 2,4 GHz се користи мала POTY антена што зрачи со лева кружна поларизација, која по рефлектирањето преминува во десна кружна поларизација, што се испраќа кон сателитот. Ефективната иззрачена моќност изнесува околу 7 kW (58 dBm).

На приемната страна:
– Истата параболична антена, со POTY илуминатор кој што има посебен влез за 10,5 GHz со диелектрична леќа, за спроведување на сигналите кон LNB даунконвертерот
– LNB (low noise block) даунконвертер “Bullseye” 10,5 GHz / 750 MHz со TCXO (температурно стабилизиран локален осцилатор)
– Сет топ бокс (самоградба) PicoTuner, базиран на тјунерот Serit 4334 NIM и микроконтролерот Raspberry Pi Pico како USB интерфејс, за прием, декодирање и демодулација на DATV;
– Компјутер со програмата OpenTuner за комуникација преку USB со PicoTuner, за прикажување и снимање на аудио/видео сигналот.

Основните параметри на дигиталниот аудио/видео стрим се следните. DATV standard: DVB-S2; Symbol (MUX) rate: 250 ksps (kilosymbol/s); Bit rate: max 196 kbps (kilobit/s); Forward error correction FEC=1/2; Модулациска шема: QPSK (quadrature phase shift keying), со 2 bit/symbol; Видео компресија: H.264 codec; Аудио компресија: AAC-LC audio codec; Audio sample rate: 24000 Hz, mono audio;

Освен со хардверски рисивер, првите резултати на прием ги добив со софтверски рисивер (базиран на SDR-от RSP1 и програмата SDR Angel како демодулатор), иако со прилично „сецкање“. Самоградбата на хардверскиот рисивер донесе драматично подобрување на приемот и најмалку 1 dB подобар сооднос сигнал/шум (MER).

После почетниот успех, продолжувам со надградба на станицата, со цел да биде една од посилните во светот. Новата параболична антена има дијаметар 155 cm, а новиот излезен степен ќе има моќност од 100 W (50 dBm). Посилниот сигнал ќе овозможи поширокопојасен сигнал, а со тоа побрз проток на податоци (symbol rate), подобра резолуција на сликата и поголем број слики во секунда (frame rate).

Дејан Трајковски