Ви имам кажано колку е умен Мендо и како знае убаво да ги објасни работите , така што ќе почне оддалеку , надолго и нашироко , за на крај да те убеди иако на почетокот си имал сосема друго мислење ! Мендо нема ФБ профил, но има пријател со прекар што јас му го дадов – Гавро, кој ме шпионира и му пренесував се’ што пишувам ! Затоа внимавам да не скинам некоја зелена во моите писанија, па после да си имам кавга ! Е тој, умниот Мендо, ми вели еден ден “ немавме ниту во поширокото семејство писател, еве на зајдисонце, Господ ни подари една , Паце мори од кај ти идат тие идеи за пишување ! Не чека да му одговорам, туку продолжува : “ да те прашам Пацо , повеќе од две години во таа групата расправате кој е стар битолчанец,решивте на крај, донесовте некој заклучок “? Немој му велам да ме гибаш таму, с’клми ме фаќаат и сафрите ми се крваат кога по стоти пат ќе прочитам “ КОЈ Е СТАР БИТОЛЛАНЕЦ “!

Немој Пацо да ми се нервираш, сега јас ќе ти објаснам ! Дедо ми е од село, татко ми како дете е донесен во Битола, јас сум роден тука ! Твоите, како што прикажваше дедо ти имаат длабоки корени во Битола , дури во турско твоите претци биле битолчани ! Сега слушај ме внимателно Пацо : додека постоеше БИТОЛСКАТА ПИВАРА , пиев исклучиво од нивното пиво , и тогаш кога штедевме за колата единствено пивото не ми го скрати !

Понатака: купував маици, гаќи и пижами од ПЕЛИСТЕР ТРИКОТАЖНАТА”, најубави ми беа наполитанките и се друго што произведуваше “ ПРОГРЕС “! Се сеќаваш кога купив една зимска виндјакна поставена со крзно од “ ИДНИНА “ , да не кажувам за шпорето на дрва од “ МЕТАЛЕЦ “, или фрижидерот и таа малата комора од “ БИТОЛСКАТА ФАБРИКА ЗА ФРИЖИДЕРИ “! Од “ КОЖАРАТА” еднаш си купивме влечки од кожа со крзно внатре ! И да не редам појќе, сега ќе ти дообјаснам што сакам да кажам ! Гледаш дека нема разлика меѓу мене со селски корени и тебе со битолски крени, ги правевме, ги купувавме и ги сакавме истите работи !

Стар битолчанец не мора да се докажува со своите корени ниту да вади крштеничиња, ако го сака и си го носи градот во срцето ! Дури и да не живее во градот туку некаде усвет ,тие Пацо со кои си играте мајтап кога на лето ќе ни дојдат на посета и тие се стари битолчани оти душата си ја имаат оставено во Битола ! Пиши Паце и поздрави ги сите од Мендо твој : стар битолчанец е тој што направил нешто за градот , работел, си ги пораснал и школувал децата , оставил некој белег за своето постоење , или сосема кратко : СТАР БИТОЛЧАНЕЦ Е СЕКОЈ ШТО ЈА САКА БИТОЛА !

Јас навистина не знам како луѓето не можат да го разберат ова, заврши Мендо со своето објаснување ! ВЕ ПОЗДРАВУВА МЕНДО ,ВАШАТА ПАЦЕ ! П. С. ФОТОГРАФИЈА СТАРА ЕДЕН ВЕК ОД ТРОЈЦА СТАРИ БИТОЛЧАНИ !

Анастасија Кокан Петровска