Македонија останала без 127 729 жители за само осум години (1913 -1921)

Анализа на црните демографски статистики на Македонија и Битола

Војните, востанијата и вооружените дејства главна причина за депопулацијата на Македонија. Пописот во 1921 година е првиот сеопфатен попис на територијата на денешна Р. Македонија со употреба на современа статистичка методологија. Во 1913 година на територијата на Р. Македонија живееле вкупно 926 020 жители, а осум години подоцна, во 1921 година, вкупниот број на населението во сите 29 околии во Вардарска Македонија изнесувал 798 291 жител – или 127 729 жители помалку.
Најголемо намалување на бројот на населението се бележи во околиите кои за време на Првата светска војна се на фронтовата линија (Дојранска, Гевгелиска Битолска, Мариовска). Прилично голем пад во бројот на населението се бележи и во Галичката и Горнодебарската Околија, кои биле зафатени со вооружените дејства во септември 1913 година.

БИТОЛА

По завршувањето на Првата балканска војна, на пописот спроведен од српските власти пролетта 1913 година во Битола биле евидентирани 48 370 жители и според тоа бил најголем град на територијата на Вардарска Македонија.

Само по осум години, во 1921 година, како последица на војната градот, кој до 1912 година претставува значаен центар во балканските османски области со релативно развиена економија и седиште на голем вилает, станал само пограничен град отсечен од својата економска позадина и затворен кон Солун со само 28 420 жители. Во периодот 1913 – 1921 година населението во Битола се намалило за 41 %, а бројот на жители што градот го имал балканските војни го достигнал дури на почетокот на шеесеттите години.

Во 1913 година целата Битолска Околија имала 82 562 жители, а во 1921 година на истата територија биле регистрирани 55 420 жители (-32,8 %).

Христијан Аџиоски

Извор: Борче Илиевски, Демографските карактеристики во Вардарска Македонија меѓу двете светски војни, 2017.