Некој во коментар побара фотографии од Паца и Мендо . Побарав во албумите, една асална нема за да се покажеме во најубаво светло. Тоа посебно важи за Мендо. Сакам да ви го претставам во целата негова големина и убавина. Тоа се некои групни фотографии од Втори Мај кога одевме на излет, од некоја свадба или поретко од некоја забава,каде ликовите се ситни и не се распознаваат . Тие од личните карти и пасошите не се за покажвање , тоа не се фотографии, тоа се карикатури .Најдов една црно – бела од мене кога сум била дете, со долго виткано косиче, со голема курдела , крупни очиња и едно бело плетено џемперче, сликана кај Папакоч . Нашата снаа Србинка Дуња вели:

„Јао Пацо душо моја, па ти си била једно прелепо и преслатко дете “. Сенкир сега ми фали нешто, само што не сум дете. Мендо мој па ми вели :

„Пацо остаре и уште правиш и кажваш некои работи како да си дете .” Кога беа мали децата , во секоја нивна чкртаници јас гледав десетици работи, ќе ги опишев на големо чудење на Мендо кој велеше дека гледа само нешто начкртано и некоја дамка од боја. На неколку од тие цртежи им ставив рамки и ги закачив на ѕидо. Тоа што го гледав го запишував , па сетнем им ги дадов на Жаклина и Ленин да си ги чуваат за спомен. Гледав цртани филмови со нив, уживав да им читам сликовници и детски книги, играв „Не лути се човече” , уживав во сите игри кои ги смислувавме заедно . Еднаш Ленин,беше седмо одделение ,дојде од сколија , седна на каучот и почна да плаче. Ми вели: “Мама ме остави симпатијата , си нашла друг и не ми прави муабет .” Не знаев што да кажам, како да утешам еден тинејџер на кој во тој момент му се срушил светот . Само го гушнав и така заедно си се изнаплакавме. Така не најде и Мендо и не можеше да ми се изначуди на паметот кога му кажав зошто плачам . И понатака во животот знаев понекогаш да си кажам или направам нешто, како тоа малото чупе Паце сеуште да беше присатно во мене.

Сега ќе ви го опишам Мендо за да имате комплетна претстава за нас двајцата. Менде е маж четворен, има костенлива коса и бел тен, костенливи очи, брада и мустаќи бричи (така пишуваше во описот на едни стари лични карти). Нос тро подискривен оти како дете го има скршено, дланките му се големи, но чудесно нежни кога ќе ги земеше в раце Жаклина и Ленин кога беа бебиња и мали. Чоекот е патријахално воспитан и ретко кога јавно ги покажува своите емоции пред други луѓе. Исклучок правеше со Жаклина, многу често знаеше да ја гушне и да ја погали по главчето . Рамениците широки, ако е вратата тесна , мора на јан да влегва за да помине, инаку ќе се заглави. Е сега кога дојдовме до стомако, да си кажам право почна да му расти, можда е од пивото , си се тешам . Носи чели број 46, како чамци да имаме кога ќе ги собуе во салоно . Кога излегваме секогаш го држам ангаже и да не излезе дека се фалам , ама така стросани, стројни и убави , од мерак да не гледаш , како излезени од некое модно списание . Пак ќе ја спомнам Дуња, нашата српска снаа :

„Знаш ли Пацо,лепотице моја да личиш на Одри Хепберн “! (Знам, така ми велеше и мојата најдобра другарка кога ја правев свадбата . Ќе продолжеше да го опишува Мендо : „Твој Мендо неверојатно како личи на Кирк Даглас , чак што више мислим да је лепши од њега “ Па сега знаете како изгледаме, Одри Хепберн и Кирк Даглас битолско производство . Ако не сретнете на Широк Сокак или на Шеталиште , да ни се јавите , ќе се напиеме едно кафе и ќе си помуабетиме. ОСТАНЕТЕ МИ ЖИВИ И ЗДРАВИ – ПАЦА

АНАСТАСИЈА КОКАН ПЕТРОВСКА