И во Битола, како и во Скопје, постоела легенда за светиот гроб. На врвот на острата стрмнина, на еврејските гробишта, се издигала карпа во форма на споменик, на која секој посетител на гробиштата морал да положи три камена, така што со текот на времето се наталожила огромна количина и се создал своевиден надгробен споменик. Преданието раскажува дека во Битола, одамна, стасал прочуениот кабалист, рабинот Јаков Халеви (не се знае времето кога се случило тоа), со својот прислужник. Додека престојувал во градот изведувал разни чудотворства и едно попладне му ја предал душата своја на Господа. Според обичајот, погребан е уште пред заоѓањето на сонцето. Утредента го нашле мртов и неговиот прислужник. Кога го однеле да го погребат покрај неговиот рабин, здогледале на општо запрепастување, дека на местото каде што претходната вечер го погребале праведникот, преку ноќ „никнала огромна карпа, како надгробен споменик“.

Оттогаш местото станало мета на поклоненици, сè до уништувањето на таа заедница, до март 1943 година. Преживеаните раскажуваат за чудата на праведниковиот гроб. Според нивните сведочења, не само Евреите, туку и христијаните и муслиманите верувале во волшебната моќ на гробот на „големиот еврејски оџа”. Во сушните години им доаѓале на Евреите и ги молеле да се соберат на светата карпа и да се измолат да падне дожд. Можат дури и да се заколнат дека веднаш по нивната молитва се натрупувале облаци и почнувало да паѓа дожд.

Жени Лебл Плима и слом