Широк сокак е премногу голем за да можеме само во едно издание да ви го раскажиме. Знаменити доктори, трговци, индустријалци, аптекари, керестеџии, конзули и меанџии живееле и придонесувале за ова денес кое е прераскажано од нивните наследници и ви го пренесуваме. Една од нив е и куќата на фамилија Алексов(иќ) каде во семејната аптека работеше првата жена фармацевтка на Балканот, битолчанката Рајна Алексов(иќ).

Куќата на фамилија Алексов(иќ), лево[1]

Според службената катастарска евиденција за земјиштето за КО Битола, со премерот од 1932 год. старата КГ 4843 ул. Крал Петар, со површина под куќа-127 м2, и под двор-10 м2. била запишана во ПЛ 2577 на Алексиќ Велин Ристо од Битола и Матлија Серафим Аристотели од Солун.

Во 1955 год. (ar na 183/55) со судски записник дел бр. 7902 од 21.12.1955 год. дел од КП 4343 од површина под куќа 32 м2, и под двор 3м2, останува во ПЛ 2577 на Франц Ристева Роксани од Битола, дел од КП 4343 со површина под куќа-32 м2, и под двор-2м2, се запишува во истиот ПЛ 2577 но на Алексова Ристова Елиника од Битола, а дел од КП 4343 со површина од куќа 63 м2, и под двор-5м2 се запишува во истиот пл 2577 но на Матлија Серафим Аристотели од Солун.

Во 1960 год. со договор за подарок Ов.бр.4687/60 од 12.12.1960 год. КП 4843 во ПЛ 2577 се запишува на 1/2 – Матлија Серафим Аристотел од Солун и 1/2 – Франц Марта од Битола.
Во 1963 год. (or.np. 425/63) по Список бр. 03-2144 од 17.05, 1963 год. КП 4843 во ПЛ 2577 се запишува на 1/2 – Имот на градска општина Битола и 1/2 – Франц Марта од Битола и Секулова Димитрова Нина од Битола, каде е се до 1972 г.
Со премерот – реамбулација, кој стапи во сила 1972 год. од старата КП 4843 формирана е нова КП 6201 ул.,,М.Тито,, со површина под куќа-125 м2. и под двор-13м2, и е запишана во ПЛ 5216 на 1/3- Секуловска Алојз Марта – 1-спрат, 1/3- Секуловска Димитри Јелена – дуќан и 1/3 – Општествено стопанство = 2 спрат.
Во 1973 год. (сп.пр. 187/73) по Молба на странката извршена е промена на името од Секуловска Јелена во ПЛ 5216 се запишува Секуловска Димитри Нина од Битола.
Во 1973 год. (оп.пр. 194/73 и еп.пријави 86/73) со Договор за подарок 5/695 од 26.04.1973 год. И Договор Ов.бр.3967/68 и Ов.бр.4811/60, КП 6201 во Пл 5216 се запишува на Секуловска Алоја Марта = 1-опрат и 1/4 дуќан, Секуловска Димитри Јелена – 1/4 – дуќан и 1/3 – Општествено стопанство – 2 спрат и 1/2 -дукан.
Во 1994 год. (сп.пр.367/94) се Писмо на РГУ бр. 10 2250/1 од 14.11.1994 год. Скопје, КП 6201 во ПЛ 5216 се запишува на Секуловска Алојз Марта – 1-спрат и 1/4 дуќан, Секуловска Димитри Јелена – 1/4 – дуќан и Р.М. – Општина Битола – 1 спрат и 1/4 -дуќан.
Во 1996 год.(сп.пр.230/96) со Договор за купопродажба зав.бр.(нечиток) Договор за купопродажба Зав.бр.383/95 од 06.12.1995 год. на Општински суд Битола, КП 6201 во пл 5216 се запишува на 1/2 – Поповски Вељо Душко од Битола и 1/2 – Атанасова Лилјана од Битола.
Во 1997 год.(сп. пр. 182/97) со Договор за подарок Зав.бр.309/97 од 18.04.1997 год. на Основен суд Битола, КП 6201 во ПЛ 5216 се запишува на 2/4 – Поповски Вељо Душко од Битола, 1/4 – Атанасов Александар од Битола и 1/4 – Атанасова Марија од Битола.

Од 1998 год. до сега се менува сопственичкото право и имаме повеќе промени со повеќе наследници и запишување на нови КП[2] со законот за приватизација на државно земјиште и новата дигитализација.

Рајна Алексова е родена на 05.01.1883 година во Битола со татко Алексо и мајка Санта. По завршувањето на француската гимназија во Солун, таа со својот постар брат Ристо Алексов, кој бил трговец ја имале првата аптека во Битола

Рајна Алексова, фотографија испратена од Тања Франц

Рајна во 1902 година со воз заминала за Швајцарија, каде се запишала на Фармацевскиот факултет во Лозана. Дипломирала четири години потоа, на 17 јули 1906 година, и станала првата Македонка дипломирана фармацевтка, воедно и прва жена фармацевтка на Балканот[3].

Со гордост се претставувала дека е Македонка. Во нејзината диплома издадена во 1906 г. од швајцарските универзитетски власти напишана на француски јазик стои дека Рајна Алексова по националност е Македонка[4].

Веднаш по дипломирањето требало да отвори сопствена аптека, но турските закони не дозволувале „жените да извршуваат аптекарска професија“. Додека чекала одобрение од турските власти, таа се вработила како милосрдна сестра во државната болница во Ќустендил, Бугарија.

Во јуни 1907 г. таа била преместена во болница во Цариград, каде работела до февруари 1908 г. Потоа заминала и работела како учителка во женската гимназија во Едрене. Алексова сепак добила дозвола за работа како аптекарка. Така, во 1909 година веќе работела во Битола, во аптеката на својот брат. Алексова подоцна ја откупила аптеката од нејзиниот брат и работела во неа до нејзиното пензионирање во 1941 година. Во нејзината аптека ординирале и препишувале лекови познатите лекари Александра Дума, Илија Аждари и Анастас Христиди, и тоа било најдобрата реклама за аптеката[5].

Петар Бојаџиевски во неговата книга „Здравството во Битола низ вековите” од 1992 г. ни дава појасна слика за аптеката која пред тоа веројатно му припаѓала на Михаило Сотиријадис. За нејзината работа постои пишувана документација од 1883 година, кога во неа работел Ристо Алексиќ и покрај тоа што не бил квалификуван за аптекар. Заради тоа по Првата светска војна му била забранета работата во аптеката, иако во текот на 1917 година бил мобилизиран како аптекар на служба во Окружната болница во Битола[6].

Од 1906 година како фармацевт во аптеката работела сестрата на Ристо, Рајна Алексиќ (мажена Кнез Милојковиќ) Во истата аптека подоцна работела и ќерката на Ристо, Роксани Алексиќ(ова), мажена , заедно со својата тетка Рајна сè до 1936 година, кога се омажила и преселила во Словенија, меѓутоа по војната се вратила одново во Битола. За време на нејзиното отсуство во аптеката пристигнал уште еден фармацевт, помалата ќерка на Ристо, Елпиники Алексова (иќ) која самостојно ја водела аптеката, заедно со својот помал брат Трајан Алексовски[7].

Роксана Алексова Франц, на многу фотографии е потпишана Рајна што е грешка, лично соопштување од Тања Франц.

Елпиниќи Алексова

Комисијата најнапред ја посетила аптеката на Рајна Алексиќ која била најпопуларна во градот. При тоа установила дека има низа недостатоци кои мора да се отстранат, за да може да ја продолжи работата. Рајна Алексиќ била казнета со парична казна од 30 дин. заради тоа што во аптеката е најдено да издава рецепти неквалификованото лице Ристо Алексиќ, трговец од Битола”.

Покрај тоа комисијата утврдила дека: …..самата зграда не одговара на прописите на санитетскиот закон, зошто не ги содржи потребните одаи неопходни за една аптека, нема ноќно ѕвоно и фенер, за да може граѓанството и ноќе да знае каде е аптеката. Официната е неуредна, нечиста и повеќе личи на некоја селска бакалница… отровните лекови не се посебно одвоени и заклучени каде што е неопходно…, и нема посебен лабораториум за приготвување на лекови, туку тие се спремаат во еден мал простор кој служи и како остава… Аптеката е многу малку снабдена со лекови, а спрема бројот на рецептите (20-30 дневно) се гледа дека таа најдобро работи. Сирупи, масти и треви нема доволно. Пропишаните реагенси и справи кои мора секоја аптека да ги има заради испитување и одредување на лековите и дрогите, во аптеката ги нема. Книга на рецепти постои, но таксирањето и наплатувањето на лековите е вршено отприлика, но не на штета на аптекарот, туку во негова корист, бидејќи ни најмалку не се придржувале на пропишаните аптекарски такси…”. На крај комисијата заклучила дека ваквото водење на аптека е ,,само на штета на народното здравје”. (Началство битолског округа…, папка бр.72). 610 Началство битољског округа…, папка бр. 44.)[8]

М-р Роксани Алексова – Франц (1906-1992) родена е во Битола на 23.02.1906 година., а по завршеното гимназиско образование во 1924/25 г. студирала фармација во Лозана и дипломирала на 22.III.1928 год. По враќањето во Битола чекала три години српската власт да и ја верифицира дипломата. Заљубена во својот иден позив, Роксани уште како гимназијалка работела во аптеката како аптекарски приправник, а од 1921 година работи само попладне, зошто во претпладневните часови ја посетувала гимназијата. Во аптеката работела сè до 1936 година, кога се омажила и се отселила во Словенија, а по војната во 1946 година, одново се вратила во Битола и продолжила да работи во аптеката до пензионирањето[9].

М-р Елпиники Алексова (1913-1988) родена е во Битола на 28.06.1913 г. каде што го завршила своето гимназиско образование, а потоа се запишала на фармацевтскиот факултет во Загреб. По дипломирањето во 1939 година се вратила на работа во семејната аптека во Битола каде што работела до пензионирањето.[11]. После војната и Ники и Роксана работеа во разни аптеки, а Роксана беше и Началник на аптеките.

Оригиналната диплома на Роксана Алексова Франц, голема благодарност до нејзината внука Тања Франц

Елпиники во аптеката кај Балкан, сегашно ГТ Камен Мост

Елпиники пред аптеката „Илинден” кај Рибарниците

Рајна Алексова водела работни аптекарски дневници. Нејзините дневници со рецепти се од француско потекло, уредно заверени на првата страница и пишувани на француски јазик. Денес тие се чуваат во Историскиот архив во Битола, како „Фонд на аптеката на Рајна Алексова“.

За Рајна истражувавме и во дигиталните весници на „Просветни гласник” каде е напишано дека помеѓу двете светски војни како учителка има работено во повеќе села и градови во тогашна Крањевина Југославија.

Рајна Алексова к нејзиниот сопруг Жика, заедно со градителите на нејзината куќа накарши сегашна пицерија Кус-Кус, десно од куќата на Кривашија ул. Кирил и Методиј

Битолскиот хроничар Александар Стерјовски во неговата книга ,,Градби” истотака забележува дека во овај објект работела аптеката на Рајна Алексиќ, откако го напуштила дуќанот на Вафијадис (куќата отспротива со два столба). Во истата аптека продолжиле да работат и нејзините две внуки, Роксани и Ники, исто така, аптекарки, а нешто подоцна истиов беше преобразен во книжарница, претставништво на „Култура“ од Скопје[12].

Реклама во весник за аптеката на Рајна[13]

Рајна Алексова починала од насилна смрт на 79 годишна возраст на 23.02.1959 година на ул. Јорго Османо бр.17.

Дел од „Широк сокак, улицата на мојот живот”, автор Зоран Ѓоргиев

Користени материјали:

[1] Стара разгледница од Битола, Димче Најдов ,,Битола низ стари разгледници”, изд.НУ Завод и Музеј Битола 2014 г. стр.24

[2] КП- катастарска парцела

[3] П. Бојаџиевски,, Здравството во Битола низ вековите”, Битола, 1992

[4] „Рајна Алексова“. Македонска нација. 21 август 2019.

[5] П. Бојаџиевски,,Здравството во Битола низ вековите”, Битола, 1992 стр.257

[6] Исто

[7] Исто

[8] Исто

[9] Исто

[10] Исто

[11] Исто

[12] Историјата на Алексови е мошне интересна и долга. Во втората половина од 19 век во Битола бил роден ахтарот (треварот со лековити билки)(14) Ристо Алексов (Алексиќ) гледајќи во него поголема перспектива за своето занимање. Услов за отворање аптека, каква пројавил тој во меѓувреме, било да има барем едно стручно школувано лице вработено во неа, кое стана и мотив својата сестра Рајна да ја испрати на фармацевтски факултет во Лозана (Швајцарија). По нејзиното дипломирање во 1906 год. таа се вратила во Битола и обајцата заеднички ќе ја отвораат аптеката во објектот на д-р Вафијадис. Потоа отспротива (денес НЛБ) ќе го откупат приземјето и првиот кат, па во приземјето ќе ја преместат аптеката. Набргу и стасаната за студии Роксани, ќерка на Ристо, е испратена и во Лозана. Таму таа го наоѓа животниот сопатник, Словенецот Алојз Франц, со кого по дипломирањето животот го продолжуваат заеднички во град во Словенија, но доаѓа војната, Алојз трагично го завршува животот, а Роксани со синот (Алојз) и ќерката (Марта) трајно се преселуваат во Битола, каде и таа и сестрата Ники стануваат познати аптекари (Соопштение на д-р Димитар Секуловски – Пицаки, зет од ќерката Марта на Роксани), Александар Стерјовски ,,Градби” изд.Конзул на Р.Србија 2020 г. стр.147.

[13] Исто

(14) корекции од Тања Франц со користени податоци од умреница на Ристо каде пишува роден во Битола, во текстот на Стерјовски пишува роден Кавадарци доселен Битола.

Според раскажување на Нина Даниловска, една од наследниците, аптеката на Рајна и Ристо била во делот каде сега е НЛБ Банка. Горниот спрат и сегашниог дуќан десно биле на гркот Аристотели за кој никој од неговите наследници после војната не пројавил интерес и станува дел од Народни имоти.

Дел фотографии испратени од Тања Франц, голема благодарност.