Кружниот тек најверојатно ќе добие уште една лента, додека белите клупи од ламарина кои го изгрдија Широк сокак ќе заминат на некое посоодветно место.

После големиот притисок битолчани конечно можат да здивнат: Кружниот кај Ат Пазар ќе добие уште една лента и околу него ќе бидат посадени уште толку дрва колку што беа исечени, грдите клупи кои од нигде никаде ни ги растоварија на Широк сокак градските власти одлучија да ги донираат таму каде што би ги личело најповеќе и тоа на некое посоодветно место како што се чекалните на матичните доктори и забари.

Предизборно започнаа да се движат работите во вистинскиот правец и се надмина суетата дека локалците намерно ги опструираат нивните колеги кои се одлучија да трчаат во трката за пратеници бидејќи нив никој не ги одбра, а имаат покажано импресивни резултати во разубавувањето и напредокот на нашиот град, за што најдобар показател е престижната награда за т.н. Зимската Приказна на некојси Бум Трас Фестивал за кој првпат оваа година слушнавме дека постои.

„Битола предизборно, на еден месец пред избори: Како е најубаво да се крени на рејтинг? Правиш проблем намерно да негодуваат граѓаните, да плукаат и на крајот тој истиот проблем го решаваш и сите ти ракоплескаат. Иако на почетокот е таква ситуацијата каква шо е сепак на крајот испаѓаш херој во очите на сите. И така треба, не постојат проблеми кои не можат да се решат, ниту пак такви без кои животот не би имал смисла. Мора со нешто да се замара чоек, греота е така без ништо да поминува животот“, дециден беше еден од големците кој е звезда во подем и не сакаше да се истакнува бидејќи популарноста веќе ја има.

Битола конечно после 32 години доживува ренесанса. Пропаднатите фабрики, банки и штедилници, затворениот базен, не можат да ни го засенат овај подем кој ни се случува ден денес за кој секојдневно низ солзи се радуваме.


Текстот е Априлили, ист како и секојдневието со битолските политичари. Додека содржината е направена според вистинити луѓе, случки и настани.