Уживаше секојдневно да се движи по старата улица, да го чувствува будењето на животот, да го слуша отворањето на кепенците на старите дуќани, иако веќе нив, од многу поодамна, ги нема, но, таа ги зачувала во своите спомени, во своите сеќавања, во својата мисла која никогаш не заминала од убавите денови на Широкиот Сокак, и покрај тоа што веќе неколку децении го чувствуваше умирањето на Улицата, на Градот во кои беше вљубена.

Сега на нивно место се сместиле десетици кафулиња, кои во овој дел од денот сè уште не се разбудиле, зашто ноќта ги изморила и направила поспано да го дочекаат утрото без да го видат изгревањето на новиот ден.

Иако новото си го зазело просторот на стариот Сокак, сепак, добар дел од старото сè уште е тука, присутно и доволно силно, да не дозволи да се заборави, да исчезне без трага, да му го отстапи целиот простор на модерното време, како што голем дел од луѓето со гордост така го нарекуваат. Сега, на местото на старите дуќани во кои некогаш, секојдневно се развивала трговијата, уметноста на фотографијата, културата на живеењето на овој град, се сместиле многу кладилници, пицерии и продавници со
пренатрупани излози.

Некогашната фасада која
била во хармонија со архитектурата и амбиентот на овој дел од градот е заменета со надворешност која изобилува со кичерај, со смешно украсени реклами напишани на пластична заднина која може да се види и
виде во различни форми и бои кои, од пренакитеност, предизвикаат вртоглавица и непријатни внатрешни нагони, поради лошата миризба на шаренилото во бескрај.

Поплочената улица иако ја задржала, сама по себе, гордоста и достоинството кои ја прателе низ вековите, сега е цела изфлекана, “бербат” направена од фрлените догорчиња кои горејќи и ја кожата се обидуваат да ја навредат, да й ја повредат, разнебидат и омаловажат душата. Таму се згмечените гуми за џвакање кои се истегнале на гранитните површини и направиле форми на отворени усти кои сакаат да ја голтнат убавината на просторот, при што завиваат испуштајќи крикови на задоволство убедени дека успеале да ја обезличат, да ја згазат, да ја навредат; од мрсните флеки на брзата храна за носење која стотици посетители на Сокакот ја јаделе во од, претходната и многу други ноќи пред тоа, чиј поглед не допира до убавото во него, туку е исполнет со задоволството од загледаноста во празното.

Ако порано, кога овој Сокак бил навистина широк поради убавината која била во него, поради ширината на добрата мисла на луѓето кои животот го минувале на него, поради љубовта која секој од нив ја вградил во каменот на сјајната калдрма, кога дуќанџиите секое утро се грижеле прво да е чисто и уредено пред дуќаните, за потоа средувањето и чистењето на калфите и чираците да продолжи во внатрешноста на истите, сега, се добива впечаток, не, сега станува сосема јасно дека многутемина се опседнати со сè другото само не со убавото. Не им пречи таквата тажна глетка, зашто во просторот каде се тие нема очи кои тоа ќе го видат, совест која ќе ги засрами, срце кое во секоја прилика ќе почувствува како и со што го уништуваат, навредуваат, повредуваат, се обидуваат да го обезличат. Го прават тоа разнебитување, но успеваат да ја изгребат и обезличат со сивило само површина која лесно
се менува и обновува.

Неговото значење е на друго
место. Тие не можат нити да сфатат, нити да разберат што е тоа и каде се наоѓа. Тоа е добро, зашто така останува недофатливо за нив.


Извадок од книгата „ Во мирисот на дивите костени“ на Фанче Јошевска