Во чест на 80 годишнината од првото заседание на АСНОМ и создавањето на современата македонска држава, историчарот Васко Гичевски ја отстапува својата книга за бесплатно преземање и читање.

Книгата носи наслов „Селото во Битолскиот санџак 1878-1912: Социјална историја на селото и селанството во последните три децении од османлиското владеење“ и претставува прво дело од областа на социјалната историја во македонската историографија.
Првичното внимание во книгата е посветено на периодот на Танзиматот.

Гичевски внимателно ги анализира влијанијата на танзиматските реформи врз селската заедница, особено во однос на формирањето на вилаетската структура и организацијата на власта во санџакот. Преку оваа анализа, читателот стапнува во светот на македонското село и ги разбира селанските предизвици и можности во еден мошне комплексен историски контекст. Потоа книгата преминува кон периодот на реформите во предвечерието на Илинденското востание и подоцна. Авторот вешто ги претставува и политиките на Младотурците и нивното влијание врз селската заедница, како и реакциите на селанството на големите промени во првата деценија на 20-тиот век.

Историската анализа на Гичевски, поткрепена со многу примери и извори, овозможува длабоко разбирање на динамиката на селското општество во овој период. Трудот на Васко Гичевски ги истражува и економските аспекти на селското општество, фокусирајќи се на неговата економска дејност и предизвиците при вршењето на истата. Преку анализа на економските активности, авторот го претставува карактерот на селската економија и неговото влијание врз секојдневниот живот на селанството.

Книгата обработува и други аспекти, како образованието, национализмот и револуционерната активност на селанството, со што ја комплетира анализата на селската заедница во Битолскиот санџак во последните три децении од османлиското владеење во Македонија.

Книгата можете да ја преземете на следниве линкови
https://shorturl.at/OBcId линк до профилот на авторот на сајтот academia.edu
https://drive.google.com/file/d/1bns3Qw3INbvuYtExxjsyDkxOWKHwV5G1/view?usp=sharing – google drive линк

Авторот Васко Гичевски е роден 1997 година во Битола. Дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 2020 година. Прогласен е за најдобар дипломиран студент на генерацијата и добитник е на наградата „26 Јули“ од Фондацијата „Франк Манинг“ за покажан особен успех во студирањето. Активно се занимава со проучување на социјалната историја на Османлиска Македонија. Автор е на повеќе научни трудови објавени во релевантни научни списанија и четири дигитални – интерактивни мапи на недвижното културно наследство од Османлискиот период во Скопје и Битола. Член е на претседателството на Здружението на историчарите на Република Македонија од 2021 година. Од 2021 година вработен е во ООУ Славко Лумбарковски- Новаци.