Овој расказ го посветувам на најстарата сестра на мајка ми, тетка Нада и нејзиното кафе. Ретко ме посетува , има многу години, многу е паметна и многу бистра во умо .Ја обожавам неа и нејзините раскажувања, таа е жива енциклопедија за сите настани во Битола . Кафето го пие во едно мало старинско филџанче со три лајчиња шеќер . Мака мачам да растворам толку шеќер во толку малку вода . И го подавам кафето со чаша вода и локум .Го пие наеднаш со гласно шмркање .Си мислам , така и треба,како иначе ќе испиеш нешто што е толку жешко ако не го шмркнеш . Го пиеме сите, барем така мислам , некој без шеќер,некој средно, некој благо,некој со натрен . Прочитавме се´ што се напиша за кафето, и убаво и штетно, но ние си ја тераме традицијата од нашите баби и нашите родители . На пример јас додека не го испијам кафето насабајле ,не можам да функционирам , ништо не можам да сработам . Кога е убаво времето , кафето со Мендо мој го пиеме во дворо. Најубава работа со кафето се муабетите со пријателите , ќе го испиеш наеднаш кафето ама муабетите немаат крај . Што би рекол Менде, Пацо напраивме цела хроника на Пелагонија , ги спомнавме сите познати и непознати , живи, умрени, роднини, пријатели и непријатели ако ги имаме . Зборувам за турското кафе,тие другите модерните, еспресо, макијато, капучино дојдоа покасно и овака искрено додека не се напијам турско кафе , ниедно друго не ми се фаќа за кафе.Еден период додека лежев во кревет , кога ме имаше фатено ишијасот, Менде ми го носеше кафето во кревет на една тафта со чаша вода . Не знаете колку е убаво чувството некој да ве разбуди со мирис на кафе . Траеше тоа една недела, мора тој натемаго да вмешал прсти , оти едно сабајле му велам на Мендо( сигурно сум видела на некој филм ), ако сакаш од утре покрај кафето да ставиш и едно цвеќе во вазна, имаш му велам цвеќиња во дворо колку сакаш . Не ми одговори ништо, само ме погледна значајно што би рекла брачеда ми и си излезе од спалната .Ама од другио ден почнав јас да го варам кафето. Е така е тоа, убавите работи кратко траат . Кога излегвам со моите пријателки , си нарачвам капучино или нес – кафе, ама така со сите нишани, ладно со мраз и со една цефка си пијам и уживам едно два саати . Со ова веќе навлегов во територијата на младите генерации . Е сега, со кафето што оди ? За нас постарите генерации локум, арно ама и ние им се смешавме во имиџот на младите. Почнавме да пушиме.Кога почнав беше од радозналост, две до три цигари дено со кафето, ама тоа никогаш не останва така, наголемуваш и наголемуваш и еве ти една кутија дневно . Не знам дали се рачуна во олеснителна околност, но јас никогаш не го вовлеквам чадот. Еднаш пробав , ќе се угушев за малку , го извадив Мендо од умо . Пријателот на Мендо , тој што си го викам Гавран , за мене е феномен оти друг немам видено да пуши така . Го вовлеква чадо, го нема никаде да го испушти ,ќе си продолжи да зборва и дури по време ќе го испушти , па уште си прави и кругчња .Јас ова го доживував како чудо. Е тој Гавран ми вели : Извини Паце ( чоеко како да се плашеше од мене),и секогаш почнуваше со извинување . Те гледам Паце со цигарите , ти не пушиш , само ги гњавиш ,даваш пари а никаков аир немаш . Значи, му одговарам , ти што го влечеш чадо до петици , имаш голем аир,земи прочитај нешто а ти пишува убаво и на цигарите колку се штетни . Така е Паце ми одговара Гавран, имаш право како и секогаш , твојот збор е последен . Еднаш патував со воз за Скопје, си влегов во едно купе , жив чоек немаше и само што тргна возо , си запалив една цигара. Госпоџо ми вели кондуктеро , пишува на вратата на купето дека е забрането пушењето и сега морам да ви наплатам казна . Си ја платив казната поштено и сега му велам : јас си платив што си платив , барем сега до Скопје ќе си пушам раат. На фацата му се гледа дека нешто не може да ме разбере, добро си мислам , ми се има случено и друг пат некој да не може да ме разбере . Се поврати чоеко од шокот и ми вели како да шепоти : слушајте госпоџо, не ме терајте цел пат до Скопје да стојам во ходникот и да ви наплаќам казни за секоја испиена цигара. Ете убо се разбравме, с´кн појќе не палам цигара. На излегвање од купето го прашвам, а можам да запалам во ходнико ? Сигурно му падна жал, само ми климна со глаата и замина во другио вагон . Тетка ми Вера имаше страв од промаја ,имаше и од пушење. Во нејзино присуство никој не смееше да запали цигара . Една зима кога бевме собрани сите кај мајка ми во Ушици, на – 20 С , сите пушевме на балкон , наметнати со палта и смрзнати во рацете. Менде мој откако му напраив рестрикција на цигарите кога ја купивме колата и ги плаќавме ратите, си продолжи со пола кутија денот . Јас ги откажав кога Жаклина ја дупна глаата, ја шиеја на живо и ја крена цела болница од врескање . Кога ја пуштија дома, докторот ми рече да внимавам , ако почне да се жали на главоболка или ако почне да повраќа, веднаш да ја донесам во болница . Тогаш се зареков, ако се´заврши добро , нема појќе да пушам , па така заврши моето пафкање на цигарите . На возрасни луѓе не делам совети , свесни се, можат да прочитаат за штетноста од пушењето , но ризикот сами си го прифаќаат .Но кога во просторијата има мало дете, апсолутно не дозволувам никој да пуши . До сите пушачи, ова не е никаква кампања за одвикнување од цигарите, вие најдобро си знаете што е добро а што е лошо за вас, ваш живот, ваши правила . Поздрав од ПАЦА !

АНАСТАСИЈА КОКАН ПЕТРОВСКА