Не така одамна, одењето на гости кај роднини и пријатели , беше момент на инспирација и желба да се видиш со луѓето што ги сакаш и почитуваш . Немаше потреба од договарање и закажување термин за посета , небаре денешниве специјалистички прегледи со „мој термин “. Не се најавувавме а луѓето кај што ќе одевме , беа пресреќни што не гледаат . Баба ми ќе ме дотераше прво мене, со неизбежната курдела во косата, а потоа таа, со многу внимание си ги одбираше алиштата што ќе ги облече. Имаше алишта за по дома и алишта за секоја прилика .

Најчесто ме носеше мене , оти бев најстара од децата. Пред да тргнеме ќе ми нагласеше :

Паце, да седиш мирна, одговарај само кога ќе те прашаат нешто и немој да навалиш на јадењето што ќе ни го послужат, ќе помислат луѓето не те храниме доволно .

Најчесто одевме кај нејзината постара сестра , и за таа посета имаше посебна забелешка .

Слушај Паце, кога ќе те гушне сестра ми и ќе те избаци, немој да се тргаш и да си го бришеш сурато . Знам дека ќе те излигави целата, но само ако пуштиш рака да се избришиш, уште еднаш не те носам на гости.

Сега ми недостасува една таква цврста прегратка , да те исцрцори тој што те гушнал, па ако треба нека ти залепи и некоја лигушка . Ќе го истрпев сето тоа , затоа што кај таа баба секогаш имаше мортадела салама . Помалиот син работеше во Прехрана , па освен мортадела имаше и убав кашкавал . Ќе земев неколку парчиња, и тогаш баба ми ќе ми дадеше ишарет . Знаев што значи тоа, и одма ќе престанев . Посетата ќе се одолжеше на два- три саати, мене ми станваше досадно и почнував да зевам . Ќе се јавеше баба Ристана, сестра на баба ми, инаку голем мајтапчија . Ајде да си легнеме оти на гостите им се спие .

Секогаш кога ќе ја спомнам баба ми , се сеќавам на нејзината топла, заштитничка дланка . На враќање од гости, ќе го пикнев моето раче во нејзината дланка, и така потскокнувајќи покрај неа , се враќавме дома . Се´ што знам за верата, научив од мојата баба .

Одеше во црква, ги чествуваше сите празници, имавме слава, чекавме и имендени. Многу делови од Библијата ги знаеше на памет , но никогаш не го истакнуваше тоа .Татко ми не беше чест посетител на црквата, но баба ми , ниту нему, ниту на било кој, не им го земаше тоа за голем грев . Велеше дека е важно да се молиш , а кај ќе го правиш тоа, не е битно, Господ е насекаде . Таа ме научи како да се молам, како да се прекрстам правилно а не само да мафтам со раката . Ме научи како да ги целивам иконите, каде се оставаат пари, каде се палат свеќи и како да им се помогне на тие што имаат помалку од нас . Велеше дека верата е многу лична, интимна работа и таа не е некој Месија кој ќе ги враќа луѓето што скршнале или се наоѓаат на погрешен пат. За тоа е задолжен попот, тој да го врати на вистинскиот пат, секој што ќе побара помош од него . Никогаш не им ги наметнуваше на другите, своите убедувања и својот став за верата. Верата беше нејзина животна потпора , која таа ја негуваше со многу љубов и посветеност . Секоја вечер пред спиење, застанваше пред иконата на Богородица , ќе си ја кажеше со шепотење молитвата “ Оче Наш “, ќе се прекрстеше и ќе си легнеше . Спиев со неа , и секогаш кога ќе легнеше до мене, ќе ме преплавеше еден бран од спокојство и среќа .

Денеска ми останаа многу навики во врска со верата, што ги научив од мојата баба, но јас ја немам нејзината посветеност, навидум многу скромна, но многу длабоко поставена во нејзината свест . Секогаш кога во црква ќе видам некој млад човек кој не знае правилно да се прекрсти, ќе се сетам на мојата баба , нејзината трпеливост, нејзината умешност , да ми ја всади верата длабоко во срцето , а сепак да остане во граници на нормалното. Ништо кај неа не беше претерано , ништо за да остави впечаток , тоа го правеше тивко и ненаметливо . Секогаш ќе ми недостига, и сега кога и јас сум баба, и кога се трудам да им пренесам на моите внуци некои традиционални вредности од нашата вера .

УЖИВАЈТЕ ВО ДЕНОТ – ПАЦЕ !

Анастасија Кокан Петровска