Градот Битола со своето богато културно-историско наследство и бројните споменици на културата, од секогаш ја иницирал истражувачката мотивација на пошироките научни кругови од различен домен. Егзистирањето на овој град на комуникациското петно, каде низ вековите се преплетувале мноштво на етноси и взаемно се сплотувале различни култури, го обезбедило постоењето на огромен број на културно-историски артефакти кои ја формираат денешната урбана слика. Научните сознанија врз база на бројните истражувања го потврдија постоењето на најрани човекови живеалишта од праисторијата, антиката, средновековието кои континуирано се развиваат на овој простор се до денешни дни.

Проучувањето на градот – средновековна Битола, престолнината на вториот македонски цар Гаврило Радомир, Битола (град со царски дворец[1]), се појавува како научна инспирација која се манифестира низ голем број стручни трудови, собири и расправи каде се чувствува огромниот интерес по ова прашање. Во средновековна Битола, синот на Самоил, Гаврило Радомир (Роман), негов долгогодишен совладетел и советник се устоличил и бил крунисан (венчан) на 15.10.1014г.[2] со што го наследил царскиот престол по смртта на својот татко. Претпоставено, чинот на церемонијата – крунисувањето во 11в. се одвивал во веќе постоечка катедрална црква, кон што упатуваат одредени сознанија.

Предлогпроектот: РЕКОНСТРУКЦИЈА на КАТЕДРАЛНАТА ЦРКВА (10-11в.) во рамките на средновековниот град, го иницира токму тој потенцијал во истражувањата за средновековна Битола, која се среќава во средновековните списи како град во Самуиловиот период, престолнина во која се устоличил македонскиот цар Гаврило Радомир, град кој го обновил царот Јован Владислав, (сведоштво – мермерниот натпис од тој период, кој е изложен во битолскиот музеј), град со епископија која и по падот на Самоиловото царство е утврдена со декрет од страна на императорот Василиј Втори[3].

Овој проект се надоврзува последователно на периодичните истражувања кои ја разработувале оваа проблематика од 1978г. до 2004г. Научните и археолошки истражувања го потврдија постоењето на утврден град – средновековна населба во непосредна близина на Битола, на надм.вис. 862,8м. ЛОКАЛИТЕТ КАЛЕ, на ридот кој северозападно го тангира градот.

Во склопот на средновековниот град се пронајдени темелни остатоци на монументален сакрален објект, кој е единствен со својата структура и композиција за средновековниот период во Македонија.

Црквата е од централен тип на впишан рамнокрак крст со купола, со триапсиден олтарски простор со два анекси – северно и јужно и нартекс со две квадратни кули кои го фланкираат влезот при аглите. Црквата е со дим.23,67м. х 20,16м. Црквата е изградена во мешовит систем од камен и тули во варов малтер. Преставува исклучителен репрезент на средновизантиската архитектура и му припаѓа на класата на провинциски сакрални објекти со изразити цариградски влијанија, во кој се препознаваат одликите на месната, традиционална школа. Со оглед на досегашните тврдења, во светската историја на уметноста и архитектурата, дека појавата на кули на црквите (катедрални цркви) на подрачјето на средновековна Византија датира после 13в. го вклучува овој објект во рамките на светската архитектура, како сакрален објект кој фактички докажува дека на територијата на Балканот, поточно, во градот Битола имаме катедрална црква со две кули на аглите од западната фасада од 10/11в.

Со предлог – проектот за реконструкцијата на катедралната црква, градот Битола ќе добие не само еден христијански, црковен објект од периодот на цар Самоил и неговите наследници, туку и еден значаен споменик на нашето средновековно градителство кој ја потенцира нашата национална култура и духовна традиција која постоела низ вековите, нераскинливо поврзана со градот Битола, неговата важност на царски град и улогата во создавањето на македонската држава низ историјата, како своевидно монументално сведоштво за сегашните и за идните генерации.

Во непосредната околина на урбаната градска структура на Битола, со неговата доминантна местоположба, овој локалитет е видлив од секој дел на градот и преставува одличен туристички пункт и на населбите кои гравитираат кон сообраќајната мрежа на Битола, односно негово прераснување во значајна туристичка атракција на градот. При имплементацијата на овој простор во Урбанистичките планови, со изработка на Модул – Урбанистички проект за локалитетот и со планирање и санација на соодветната сообраќајна инфраструктура, би се овоможило комуникациско приближување на овој локалитет до населението на градот Битола и државата. Неадекватно одржуваната инфраструктура, сеуште го прави локалитетот релативно непознат за пошироката јавност, иако до него води пешачка траса (кон Калина чешма) која започнува од Германските гробишта, додека коловозните траси водат од ул.Илинденска по трасата за с.Снегово и трасата која го поврзува правецот од с.Раштани, до локалитетот. Двете коловозни траси егзистираат, но им е потребна санација и соодветно одржување.

Со изведбата на таа фаза на градежни работи ќе се обезбеди формирање на градилиште и реализација на реконструкција на објектот. Реконструкцијата би се одвивала во последователни етапи, со учество на стручни екипи од релевантите установи вклучени во изведбата, до завршна финализација и прием на објектот, кој би се промовирал при една јавна кампања на локално и државно ниво, со што би се обезбедила негова континуирана презентација и посетеност. При мотивирање за посета на овој сакрален монумент од аспект на културен и духовен туризам (посветен на денот 28август – Успение на Пресвета Богородица) би функционирал и како едно излетничко и сеопшто посетено место, што во исклучително поволен момент ќе го обезбеди оптималниот квантум на заинтересирани лица и корисници, што е клучен фактор за зачувувањето и негова понатамошна заштита. При ревитализацијата на целиот локалитет и неговата надоврзаност кон туристичката понуда на градот, со локалитетите од неолитот (во Битола – Гургур тумба и локалитетите во непосредна близина на градот), Хераклеа Линкестис (локалитет од периодот на антиката), локалитетот КАЛЕ (средновековие), (турскиот период и македонската преродба) презентирани низ градската архитектура на Широк сокак и централното градско јадро со монументалните објекти, како и опфатот на природните убавини на Пелистер и еколошките карактеристики на нашето поднебје, ќе се овозможи формирање на комплетната туристичка карта на градот Битола и развој на објектот – црквата во постојана туристичка знаменитост, репрезент на духовните и национални традиции на овие простори.

Планирани ФАЗИ и динамика на реализација на проектот

I ФАЗА:

  1. Формирање на мешовита работна група со прецизирани задолженија (Совет на општина Битола, НУ Завод и музеј -Битола, МПЦ).
  2. Изработка на урбанистички план за локалитетот КАЛЕ, кој би бил имплементиран, со доработка на ниво на ДУП (ангажман на стручна екипа од страна на општината Битола).

II ФАЗА:

  1. Презентација на обработениот стручен материјал и дефинирање на етапите на реализација, согласно законската регулатива.
  2. Контакт со медиумите, маркетинг служби, радио и телевизиски студија во градот, со изработка на кратки панел-емисии, написи, со кој ќе се обезбеди транспарентност и ќе се запознава и мотивира граѓанството со превземената акција, со што би се анимирало населението и би се популаризирал текот на целата активност.
  1. Започнување со припремни работи до локалитет и на самата локација на објектот со ангажман на механизација.

III ФАЗА:

  1. Консолидација на просторот околу објектот на теренот.
  2. Реализација на етапите на градба на објектот.
  3. Финализација и комплетно завршување на градежните работи, до прием на објектот.
  4. Промоција и вклученост во градската сигналитика на црквата, со јасно означена пешачка и коловозна траса, со краток опис за неговото културно – историско значение за градот и државата.
  5. Јавна презентацијата на реконструираната катедрална црква, која би се одржала на голем општо народен собир на денот посветен на црквата на Август организаран на локално, општинско ниво и со учество на државните институции и соодветни покани кон дипломатскиот кор, во соодејство со учесниците на проектот и максимална вклученост на медиумите.

ФИНАНСИСКИ СРЕДСТВА

Средствата би биле обезбедени од страна на општината Битола, учество на Владата на Р.Македонија (преку Министерството за култура и Министерството за локална самоуправа), самостојни спонзори и донатори, Македонската Православна Црква и скромни донации од населението на општина Битола.

Програмата дозволува отворени сугестии на главните донатори за прилагодување во одредени точки и времетраењето во планираните ФАЗИ, во зависност од одредени субјективни и објективни причини, поврзани со оформувањето на буџетот на доделените средства и со нивната конкретна реализација.

[1] str.92,Antoqak, Srednovekovna Makedonija1, Misla, Skopje1985g.

[2] str.92, Antoqak, Srednovekovna Makedonija1, Misla, Skopje1985g.

[3] str.271,V.Zlatarski Istorija na Blgarskata dr`ava prez srednite vekovi, tom2, Pervo Blgarsko carstvo, ~ast 2, Akademi~no izdatelstvo, Marin Drinov, Sofia1994, “Vo Prvata Hrisovulja, Vasilij Vtori gi odredil eparhiite i episkopiite, kade navel deka Bitolskiot episkop rakovodi so gradovite Pelagonija, Prilep, Debrica (Debret, Debre{ta) i Veles.”