ПОЗДРАВ СО ЕДЕН РАСКАЗ ОД СЕРИЈАЛОТ “ ПАЦА И МЕНДО “ ! АНАСТАСИЈА КОКАН ПЕТРОВСКА

Мендо мој кога ќе се ќефлеиса ми вели: Паце мори, ула си со сѐ партали, ама поискрена личност немам сретнато во живото. Долг ти е јазико и ќе му ја бапнеш на чоек вистината право сурат, па тој нека се врти колку што сака. Додуше некои од пријателите престанаа да зборват со мене а неколку од комшиите не ме поздравуваат поради твојата искреност , додава Мендо. Секогаш кога е вака расположен , си кажва колку ме сака и ме гледа божем икона. Што сакате поголем доказ дека Менде знае да процени карактер .Сега да ви објаснам нешто , имам и јас како секој чоек по некоја мана, ама Менде мој вели дека и покрај тоа што сум ула , сум била оригинална и уникатна и затоа ме сака уште појќе . Искрената Паца ги прашва свекрвите, како ве викаат вашите снаи (на име, тетка, мама или никако) . Еден совет од вашата Паца (пример од лично искуство), дали ќе го прифатите вие ќе си решите сами . Кога дојде Кики ( Катерина – Велика) нашата снаа, само чекаше да ја погледнам за да ми проговори. За да и олеснам почнав да ја подгледнувам поначесто . Арно ама тоа имаше несакани ефекти. Како што ќе ја погледнев, таа ќе почнеше да си ја бриши устата, да трепка со очите, да ја мазни косата , да ја поднаместува блузата и да ја влече сукњата. Изгледа си мислеше чупето дека и наоѓам некои маани . Станваше се понервозна и работата не ја биваше, ќе се алоса чупето, ми текна еден ден . Седнав до неа и велам, слушај чупе што ќе ти кажам:

Не се претргнав ни јас од викање мама на мојата свекрва , сѐ на сѐ едвај триесетина пати додека беше жива, ајде ти чупе викај ме тетка Паце .

И така за мојата снаа Кики јас сум тетка Паце а во последно време сврти на баби , како што ме викаат моите внуци. Си решивме еден голем проблем и сега си се сакаме како секоја свекрва и снаа или требаше да речам како мајка и ќерка . Кој може да каже што е правилно а што погрешно. Не им се мешам во животот, давам совети само ако ме прашаат , им помагам кога тоа ќе го побараат од мене.

Секоја сабота и недела се кај нас на ручек заедно со семејството на Жаклина моја. Откако ќе се најадат , за да не ми пречат додека ја раскрвам масата и мијам еден куп садови, одма после десертот и кафето си одат дома. По години си решив и друг проблем, итрица сум јас . Кога станав баба а сеуште немав претстава за себе дека сум баба , зборо баба ме тераше да се осеќам многу стара , како да имам сто години . Ги слушам внуците како си ги викаат своите мајки- мами , па тоа ми даде идеја ,сега сум баби . Звучи некако светски а сепак е наше.

А кога сме кај имињата да кажам нешто и за имињата на моите деца. Жаклина е Жаки или Џаки како што ја вика баба ми. Ленин на сколија другарите го викаа Пацкино, а Ленин јас си го викав Лени без тоа “ н” на крајо. Видов еден црн пеач на ТВ – Лени Кравиц и тоа ми ја даде спасоносната идеја да си го викам детето Лени. Така често ми доаѓаат некои идеи, па си велам: Палена Пацо ти си чоек идеја , да ми се плаќаше за секоја оригинална идеја, сега ќе бев како Пети моја- скопјанката . Ќе се возев во мерцедес и ќе се дружев со кремо на Битола. И сеа шо, кога можиме од сите наши зборој да го исфрлиме тоа “ т” на крајо од зборо, зошто да не можам и јас да исфрлам едно “н “ од името на мојот Ленин ! Мендо ми рече дека не сум салам и да кршам гла заедно со тој Лени Кравиц . Не му се налутив , некако знаев дека Мојот Мендо има право и дека некогаш имам шашави идеи , ама знаев и дека ме сака таква каква што ме створил Госпо, тамам за него погодена. Мендо е чоек на место, кога ќе речи нешто, речено е, како со мур запечатено, плус знае да ги процени луѓето , небаре психологија да има завршено .Сега да ми кажете вие , како да не го сакам , сакат да оди ( Паце мори јазико да си го каснеш , пак скина зелена), Госпо да чува и брани , само да ми е жив и здрав , што правам јас без Мендо мој !

ПОЗДРАВ – ПАЦА !