ПОЗДРАВ СО ЕДЕН РАСКАЗ ОД СЕРИЈАЛОТ “ ПАЦА И МЕНДО “ ! АНАСТАСИЈА КОКАН ПЕТРОВСКА ~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~

Мендо мој кога ќе се ќефлеиса ми вели:

Паце мори, ула си со сѐ партали, ама поискрена личност немам сретнато во живото. Долг ти е јазико и ќе му ја бапнеш на чоек вистината право сурат, па тој нека се врти колку што сака. Додуше некои од пријателите престанаа да зборват со мене а неколку од комшиите не ме поздравуваат поради твојата искреност , додава Мендо.

Секогаш кога е вака расположен , си кажва колку ме сака и ме гледа божем икона. Што сакате поголем доказ дека Менде знае да процени карактер. Сега да ви објаснам нешто, имам и јас како секој чоек по некоја мана, ама Менде мој вели дека и покрај тоа што сум ула , сум била оригинална и уникатна и затоа ме сака уште појќе . Искрената Паца ги прашва свекрвите, како ве викаат вашите снаи (на име, тетка, мама или никако) . Еден совет од вашата Паца (пример од лично искуство), дали ќе го прифатите вие ќе си решите сами . Кога дојде Кики ( Катерина – Велика) нашата снаа, само чекаше да ја погледнам за да ми проговори. За да и олеснам почнав да ја подгледнувам поначесто. Арно ама тоа имаше несакани ефекти. Како што ќе ја погледнев, таа ќе почнеше да си ја бриши устата, да трепка со очите, да ја мазни косата, да ја поднаместува блузата и да ја влече сукњата. Изгледа си мислеше чупето дека и наоѓам некои маани. Станваше се понервозна и работата не ја биваше, ќе се алоса чупето, ми текна еден ден . Седнав до неа и велам, слушај чупе што ќе ти кажа:Не се претргнав ни јас од викање мама на мојата свекрва , се´ на се´ едвај триесетина пати додека беше жива, ајде ти чупе викај ме тетка Паце .И така за мојата снаа Кики јас сум тетка Паце а во последно време сврти на баби , како што ме викаат моите внуци. Си решивме еден голем проблем и сега си се сакаме како секоја свекрва и снаа или требаше да речам како мајка и ќерка .Кој може да каже што е правилно а што погрешно. Не им се мешам во животот, давам совети само ако ме прашаат , им помагам кога тоа ќе го побараат од мене.Секоја сабота и недела се кај нас на ручек заедно со семејството на Жаклина моја. Откако ќе се најадат , за да не ми пречат додека ја раскрвам масата и мијам еден куп садови, одма после десертот и кафето си одат дома. По години си решив и друг проблем, итрица сум јас. Кога станав баба а сеуште немав претстава за себе дека сум баба , зборо баба ме тераше да се осеќам многу стара , како да имам сто години . Ги слушам внуците како си ги викаат своите мајки- мами , па тоа ми даде идеја ,сега сум баби .Звучи некако светски а сепак е наше. А кога сме кај имињата да кажам нешто и за имињата на моите деца. Жаклина е Жаки или Џаки како што ја вика баба ми.Ленин на сколија другарите го викаа Пацкино, а Ленин јас си го викав Лени без тоа “ н” на крајо. Видов еден црн пеач на ТВ – Лени Кравиц и тоа ми ја даде спасоносната идеја да си го викам детето Лени. Така често ми доаѓаат некои идеи, па си велам:

Палена Пацо ти си чоек идеја , да ми се плаќаше за секоја оригинална идеја, сега ќе бев како Пети моја- скопјанката . Ќе се возев во мерцедес и ќе се дружев со кремо на Битола. И сеа шо, кога можиме од сите наши зборој да го исфрлиме тоа “т” на крајо од зборо, зошто да не можам и јас да исфрлам едно “н“ од името на мојот Ленин ! Мендо ми рече дека не сум салам и да кршам гла заедно со тој Лени Кравиц . Не му се налутив , некако знаев дека Мојот Мендо има право и дека некогаш имам шашави идеи , ама знаев и дека ме сака таква каква што ме створил Госпо, тамам за него погодена. Мендо е чоек на место, кога ќе речи нешто, речено е, како со мур запечатено, плус знае да ги процени луѓето , небаре психологија да има завршено . Сега да ми кажете вие , како да не го сакам , сакат да оди ( Паце мори јазико да си го каснеш , пак скина зелена), Госпо да чува и брани , само да ми е жив и здрав , што правам јас без Мендо мој !

ПОЗДРАВ – ПАЦА !