Здраво на сите, голема благодарност за поканата и поздрав за сите кои одвоивте дел од вашето скапоцено време за да го прочитате ова интервју. Љубовта кон сопствениот град, битолчани, решавање на нивните проблеми кои и ако ги немаше и ако не беа натоложени низ годините предизвик нeмаше да има. Но овај пат се фативме машки.

Најпрво за период од три дена од кога стапив на функција ги викнав моите другари и сите други битолчани кои беа дома слободни и заедно со два багери се упативме кај месноста викана Билбил Камен каде што знаете се наоѓа свлечиштето. Таму на клоци ја избркавме фирмата која веќе една година сите нѐ матка демек работи нешто. 

За аирлија плукнавме три пати во рацете и се фативме за работа. Дење, ноќе, три дена неуморно, со казми, лопати и двата багери кои така на другар ми му седеја дома во дворо, се фативме за работа. Макотрпно пеејки ја на цел глас “Битола мој роден крај” успеавме во долж од стотина метри свлечиштето да го израмниме и да го направиме каскадно. Слеговме надолу го зачистивме ѓубрето кај мосто заедно со нашите сограѓани Роми и на безбедно место му поставивме контењери. Ги остранивме барикадите со што ја пуштивме обиколницата за да можат да поминуваат големите камиони кои дополнително го загадуваат градо, по што се прибравме дома. Оттаму се разбира отидовме на пиво. Ме бараја нон стоп за една манифестација, па за друга, за шо јас му реков “Абе љуѓе доста само охајбе, време е сега да се фатиме за работа, да ги решаваме проблемите па после ќе уживаме”.

Каква е вашата загриженост за чистиот воздух и што ќе превземите?

Сите знаеме дека во Битола има голема загаденост на воздухот. Веднаш распишавме тендер за цистерни со гас и со дел од средствата од буџетот на Општина Битола ги купивме сите котлари кои за брз рок ќе бидат реконструирани на гас. Ремо, Нова Битола, Карпош, кулите кај Болницата, кај Стара Болница, кај средната Стоковна, кај Пензионерите, кулата кај Стрежево, кулите кај Ветеринарно, зградите на Стрежево, Општина, Полиција, Суд, Економско, Гимназија и Музичко, Безистено најпрво ќе бидат поврзани самостојно на нивните котлари кои ќе бидат на гас се додека да дојде гасоводот и ќе бидат централно поврзани со него. Во план ни е една котлара за Брусничка и Лавчанска населба, и така во секоја куќа парно има, се разбира со помош од Европските фондови или од Фондот за развој на Пелагонискиот регион. Постепено ќе се прошируваме, планирана е изградба на котлари во нас. Баир, Гинимале, Недопирливи, Буримечка, Ушици итн.

Во меѓувреме на специјализација и обука се испратени нашите најдобри инжињери од општина Битола кои откако ќе се вратат тука заедно со подршка од Владата на Р.М. ќе ги направиме првите битолски сончеви колектори кои за нашите граѓани ќе бидат достапни по набавна цена и субвенционирани.

Околу паркирањето какви мерки планирате понатаму да превземите?

Во делот за паркирање во тек е објавен повик за обележување на сите кои се со битолски возила, значи тие кои се битолчани на нивните возила или регистрации да пиши дека се од Битола, не од околината. Така на пример за битолчани ќе пиши БТ-007-БТ, кои ќе плаќаат симболична цена од 10 денари за паркинг, додека тие од околината пример од с.Могила ќе бидат БТ-007-МО кои ќе плаќаат поскап паркинг како и тие што се од други градови и места. Планирани се две катни гаражи една кај Домот на Културата и во близина на Пазарот (селската автобуска) со што за околу 500-1500 паркинг места ќе се зголеми капацитетот за паркирање во Битола.

Граѓаните многу реагираат на загадувањето кое што доаѓа од Рек Битола. Што ќе превземете околу тоа?

Во врска со загадувањето од РЕК Битола имаме поднесено ултиматум до Владата на Р.М. или Рек да се гасифицира или целосно ќе ги организираме сите битолчани и околните села и ќе ја блокираме неговата работа. Ако си го сакат цел нека си го земат во Скопје, ние јаглен ќе му носиме. И така во него работат околу 500 битолчани, другите се од околија и села. Знам дека ќе завршат тендерите во Рудникот но ќе заврши и радиоактивната прашина која секој ден се разнесува.

Која е ваша најголема желба и како ете од сега ќе изгледа Битола?

Моја најголема желба е да се вратат градските манири во Битола. Да се врати уништената архитектура, да се реконструира и бојадиса старата чаршија, сивите згради, да се освежат сите прекрасни објекти кои се под заштита, да ги вратам пајтоните, поголемо зеленило насекаде надополнето со паркчиња за најмладите. Дебојо да не биди колонијал продавница ами вистинска турска бања.  Уба Зоолошка од отворен тип каде секој би ги “допрел” питомите животни кои заедно со посетителите ќе се шетаат. И многу други работи…

Дали имате некои несекојдневни идеи кои можеби би ги прифатиле битолчани?

Ех. Тоа од мал го сонвам. Имам како не. Желба ми е да наместам лифт во внатрешноста на градскиот часовник, да организирам рафтинг на Драгоро. Со една сајла да ја поврзам кулата кај Стрежево па се до Епинал и на битолчани да им овозможан зипинг над Широк Сокак, како нив така и на странските туристи кои ќе ја посетат Битола. Параглајдинг над Битола, авиолетови над Битолата, враќање на Дембел чаршија и Фестивал на Дембелите,  и мн.друго.

Ви благодарам за интервјуто, морам да бегам ми се јавија треба шахтите да ги чистиме, затнати се сите. Извинете и поздрав.

Интервјуто е измислено со надеж дека барем малку ќе тргнат работите во вистински правец.

Името на измислениот Градоначалник е познато само на редакцијата.