Битола се сака со срце , со мисла.. Битола се сака со сета душа.

Битола се сака секогаш и секаде …на секое ќоше , на секој сокак , по чикмаци од маала до маала ….по балкуните , по мостовите , на Тумбе кафе …..на ракометно , па Гени мале … Дрвен пазар, од Црн Мост до Сали мостот, најсилно се сака на Ленски Мост. Се сака и од Маџар маало … па кај Чинарот, долу на Ат пазар …. кај Лепотиците …и тука на раскрницата кај Симпо , па горе кај Болницата … Брусничка населба или долу Буковски Ливади . Битола се сака кај Хераклеа… па заврти надолу кон Стрелиште и во Ушици . Горе на Бајрот најмногу се сака . Се сака и кај Безистенот. На секој чекор. Таа се сака кај Сатот во паркот, се сака кај фонтаната или долу таму пред Паско .

Се сака пред театар, пред кината се сака и пред кафаните .

Се сака Довлеџик и Педагошка . Кај Веро и кај Бомбата , и во Ремо и во Карпош.

Битола се сака и во црква и во џамија .

Битола се сака и во Сиднеј и во Амстердам, и во Париз или Токио.

Ако некој те праша од каде си испрај се горд ко Молика и речи му: Од Битола сум! Од најубајо град на светот. Од најградскио град. Од Битола на Конзулите , од Битола градо на пајтоните, од Битола градо на кабадите, од Битола градо со најубај чупиња на светот . Од Битола градо на кафето, кај шо се јаде и пие и живот се живее.

Па раскажи му за кафето на Широк сокак , ајварот на мајка ти, за чкембе чобрата и Чкембарите , за Мате и ракометот.

Раскажи му за бозата на Асан , за пицата на Шведскио . Раскажи му за сиренцето во фурна од Де Ниро . Раскажи му за ракијата со шопска кај Цане Боксеро, за Боемите во Грне. За мусаката , полнетите пиперки, туршијата и домашното вино. Не заборавај да го прошеташ со мислите до Тумбе кафе , па надолу до Хераклеја.

Раскажи му за Елени и Кемал. Испеј му ја Битола мој роден град.

Раскажи му за историјата на градот од турско па се до ден денес.

Наполни му ги мислите со убавината на битолчанки , дотерани моми лични, најлични.

Раскажи му за кабадаите . Спомни и по некој битолчанец.

И не е важно на кој дел од светот си со кој си …ако ја носиш Битола во срцето битолчанец си.

Оти Битола е една . Незаменлива.

Една единствена .

Битола се сака секаде ,

Битола се живее

Битола се дише.

Со срце со душа .

Битола се носи секаде со себе ,

Битола ја сака и стар и млад .

Битола е битолчаните во неа и мали и големи, и стари и млади .

Битолчаните сите заедно се Битола.

Битола е БИТОЛШТИНАТА на сите нас .

Ета затоа е толку убава , толку славна , толку опеана.

Оти е наша.

Битола е Љубов напишана со голема Љ .

Е така се сака Битола .

Инспиративен текст за Битола на Сашо Краљ на кого јавно му благодариме.

Фотографии Photowall-Pro