Кафето било неизбежно и за македонските Власи. Двајца Англичани, Вејс и Томпсон, кои го посетиле влашкото село Самарина на почетокот на 20 век, забележале дека кафето имало влијание и врз промената на ентериерот во домот и во кафеаните. Селаните, кои дотогаш седеле на земја и така го пиеле кафето, по доаѓањето на новата мода ала франга започнале да вработуваат столари за да прават поудобни столчиња, на кои мажите облечени во пантолони можеле да седнат и да си го испијат кафето. Македонските Власи, кои важеле за домаќини, не биле големи љубители на безделничење и минување на времето во кафеани, на што упатува и една влашка изрека од османлиска Битола, која вели:

Не оди по кафеани. Една минута во кафеана е поголема загуба од еден час залудно седење дома.

Веројатно под влијание на нивните трговски врски со Виена, битолските Власи биле едни од ретките во Македонија што кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век претпочитале кафето да го пијат со млеко, а влашките доктори препорачувале да не се пие горко кафе.

Извадок од „Кафето и кафеаните во османлиска Македонија“ на Никола Минов