Спроти Шабат, и јас чувствував должност правилно да го пречекам тој ден. Уште во четврток итав дома од училиште. Мајка ми беше зафатена со Естреја, домашната чистачка, енергично чистејќи ја куќата. Тие ќе ги сменеа постелнините, ги проветруваа ќебињата и со етанол ги палеа болвите што се гнездеа во скриените кошиња на креветите. Ја сакав чистотијата што ја нудеше водата, и покрај предупредувањата на мајка ми, им се придружував и им помагав во миењето на скалите. Подоцна сакав да бришам прав од креденците во влезното лоби и да ги насетувам дрвените декорации под прстите. Зад вратата на креденецот се чуваа теглите со слатко за зима од бела и портокалова тиква, домашни мармалади од кајсии и цреши и шишиња со вино и ракија што стоеја веднаш до жолтеникавите метални вази, специјалните сребрени чиничиња и сребрениот прибор во коишто се служеше слатко на гостите. Во петоците пак итав дома. Ќе ставев престилка, ќе ја земев метлата и ги метев камените плочки околу куќата. Кога ќе завршев, ќе й се придружев на Естреја во работата. Естреја беше само неколку години постара од мене и бидејќи потекнуваше од
многу сиромашно семејство беше принудена да работи како чистачка уште откако наполни седум години.

Кога разбрав дека Естреја не знае ни да чита ни да пишува, си дадов задача и ја научив. Почувствував голема сатисфакција кога Естреја се покажа брза ученичка и станавме другарки. Околу два часот, мајка ми ќе ми собереше куп чисти алишта завиткани во бел чаршаф и со мојот мал врзоп на рамо ќе пешачев до бањата.

Тријачката во бањата, Рејчел, која ја викаа „Рејчел без една рака“, темелно ќе ми го истриеше телото со ракавица од крпа околу таа една рака што ја имаше. Другата рака ја загубила од шрапнелска експлозија што се случила во магацинот.за оружје во Битола. Со исчешлана коса и убаво облечена, со шамија околу вратот потскокнував назад по патот за дома со врзопчето алишта на рамо. Дотогаш многу стариот служител веќе одеше по пазарската уличка удирајќи по тезгите и по дуќанските ќепенци со бастунот и ги повикуваше трговците да затворат и да се подготват за Шабат. Тој ги зачинуваше своите повици со убави фрази на ладино додека се слушаше вревата од ќепенците што се затвораа и клучевите што штракаа во големите катанци за заштита на дуќаните.

Од куќите се ширеше мирисот на храна и на печените јадења за Шабат. Сосетките меѓусебно воодушевено си даваа комплименти една на друга и често ќе употребеа пригодни изреки на ладино. Дома церемонијата на поставување на масата веќе беше почната. Чиниите и чашите за Шабат, како и виното кидуш, беа извадени. Кога татко ми, брат ми Шарло и стрико Рахамим ќе се вратеа од синагогата „Соломон Леви“, која го добила името по дедо ми од страната на мајка ми и беше веднаш до нашата куќа, татко ми ќе го извадеше жакетот што го носеше секој ден и ќе го ставеше жакетот за празници, и само тогаш ќе седнеше крај масата. Кога мајка ми ќе ги завршеше сите подготовки, ќе ни се придружеше на масата и ќе се почнеше со кидуш.

Откако ќе нè благословеа мајка ни и татко ни, жив разговор ќе се развиеше на масата. Родителите ни кажуваа за писмото што стигнало од вујко Моше од земјата израелова (Палестина) или за писмо од сестрата на татко ми, тетка Сол, која имигрираше во САД. Ние, децата, ќе раскажувавме за доживувањата на училиште и во маалото. Јас особено ги сакав разговорите со мојот постар брат Шарло, преку тие разговори можев да почувствувам одредена блискост со светот на „постарите“.

И помагав на Естреја да ја расчисти масата. Тоа беше знакот дека почнувајќи отсега е добредојдена да ни се придружи и да го проба десертот, кој, покрај чајот и јатките, беше парчиња портокали од Израел. Тишина настапуваше веднаш штом татко ми ќе ја засвири мелодијата „Рибон кол хаоламим“ („Бог на сите светови” ) и мир и спокојство ќе почнеше да не исполнуваше сите нас.

Одвреме – навреме тишината ја нарушуваше Шабат гоја (неевреин на Шабат), кој носеше дрво и јаглен за огнот во печката за готвење во кујната, а во зимските денови за грејните печки и во останатиот дел од куќата.

Извадок од Мишлоах Манот, животната приказна на фамилијата Пами- Калдерон од Битола, Македонија.