Во периодот од 18-20.07.2023 г во посета на Државниот архив – одделение Битола беше семејството на Џо Исак Јуча (Joe Ishak Youcha) од Вашингтон, САД. Станува збор за семејство со потекло од еврејската заедница во Битола, чии претци емигрирале во САД пред Втората светска војна.

Потрагата по нивните семејни корени ги доведе наследниците на Ишак Јуча повторно во Битола, каде низ истражувањата во релевантните фондови се разви пријателство и соработка.

Инаку во 2022 година семејството Јуча од сопствени средства срдечно донираше 100 килограми материјали за заштита на архивски материјал, а во последната посета – работни материјали корисни во процесот на конзервација на хартија и книги.

Еден дел од семејството Јуча самите се архивисти и конзерватори, па нивната посета беше искористена и за волонтерска работилница водена од Ема Јуча – конзерватор која на вработените во Државен Архив одделение Битола практично им презентираше методи за заштита на стари книги.

Во контекст на заштитата на архивското наследство, Џо Јуча донираше специјално дизајнирана кутија за чување, заштита и транспорт на Камера 300 од фондот 580 „Браќа Манаки“. Материјалот на внатрешноста на кутијата претставува калап обложен со без киселинска пена и други материјали за соодветно чување на предмети.

Поголемиот дел од посетата семејството Јуча ја искористи за средба со локални историчари и истражувачи на еврејската заедница во Битола, како и за стекнување на нови сознанија за нивното семејство.

Државен Архив одделение Битола