Највозрасните од групата ќе ги потсетам како некогаш, многу одамна , се пречеквале гости за Слава и Имендени . Бев мала и сигурни дека сеќавањата ми се дополнети со раскажувањата на мојата баба. Живеевме во Ушици и Слава и Именден ни беше на Митровден .Една недела пред тоа се чистеше, се переше, се премиваа чашите, се светнуваа тафтите и сребрените лајчиња , куќата светеше.Баба ми одеше в црква и носеше погача да ја освети.Толку убо ќе ја украсеше, да ти е жал да откинеш парче. Вечерта спроти Митровден, ние домашните , плус дедо ми Маху и баба ми Дитка, ќе си напраевме една свечена вечера .Печено свинско месо со компири,супа од кокошка, пржени копани, салата од кисела зелка, ајвар,џимиринки,колбаси.Баба ми за десерт ќе направеше домашна алва, раванија и баклава.Трпезата богата, масата покриена со најубавио везен чаршав , нареден сервисот за јадење кој специјално се чуваше за такви прилики . Тогаш и татко ми ќе се отпуштеше и во тие мигови исчезнуваше строгоста од неговото лице.Дедо ми ќе кажеше молитва и на сите ќе ни скршеше по едно парче од погачата.На денот на славата ќе се тргнеше масата од собата, а столиците ќе се наредеа до ѕидот . Бидејќи немавме толку многу столици, земавме од комшиите а се позајмуваа и други работи:чаши, лајчиња, тафти .Се тргаше чергата од подот и се постилаше ќилим,кој се чуваше само за специјални прилики.Се менваа и пердињата,се клаваа едни убави рачно плетено од конец со чингелаке. Кога ќе почнеа да идат гостите, тоа беше како река надојдена.Јас врвев прва ( ми помагаше мајка ми)со тафтата со слатко и вода,во едната чаша чистите лајчиња,другата чаша со вода.( Брат ми беше мал а Каролина сеуште не беше родена). По мене мајка ми со чашите со вино, ракија и сокче и на крај баба ми со ванилиците. Ванилиците на баба ми беа најубавите колачи од моето детство. Просторот беше мал, па многу често ќе се случеше некој со уште недојадена ванилица,да мора да стане, за да ослободи место за новите посетители. Ми се чини дека полојна Битола го имаше за Слава и Именден токму Митровден и дека другата полојна шеташе по гости.Кога ќе си заминеше и последниот гостин , мајка ми и баба ми беа папсани уморни. Господ да ми прости , ќе речеше баба ми, ама куќава денеска ми заличи на авра . Некаде од почетокот на шеесетите години од прошлиот век, се сменија работите. Масата си останваше на средина покриена со некој убав везен или плетен чаршав, се вадеа нови пајнци, вилушки и кристални чаши.Се правеше руска салата,кифлички, ордевери и визитарски колачиња. Се намали и бројот на гостите,луѓето ќе си заседнеа, ќе си направеа муабет,некои ќе си викнеа и жива музика . Откако се омажив, го славиме “ Свети Кирил и Методи “, години по ред , со многу гости, со многу работа и припремање.Да исчистиш генерално,некогаш и да варосаш,да спремиш се´ што треба, да не се посрамотиш, па после арантаран да те прикажват низ цела Битола .Мендо купуваше што треба со список што ќе го спремев уште од вечер , за да не го враќам по сто пати.И покрај списокот , нешто ќе заборавев и ете го Мендо како си зборва сам : Кај ти беше умо Паце, оти не запиша се´, не сум дете да трчам натака, навака. Вино и ракија имавме домашни,Мендо ќе доземеше пиво, сокови и едно шише виски . Се правеа разни соленки и салати, како на натпревар, кој ќе напраи појќе и кој ќе ја украси маста поубо . Како се нижеа годините , така и се намалуваше бројот на гостите. Сега за ручек ги собирам децата, брат ми со семејството, мајка ми ,Маца со сопругот, братот и сестрата на Мендо. Ќе си се потсетиме на многу работи , некои спомени ќе не развеселат, некои ќе не натажат. Ќе си ги спомнеме и тие што веќе не се меѓу нас а биле дел од нашите животи. Мајка ми секогаш ја носи нејзината славна” Васина торта “ , а јас никако да ја заборавам тортата од вечерта кога со Менде напраивме свршувачка . Кога ви велам дека многу работи треба да учиме од младите , сите прослави, имендени, родендени, матури , (освен Славата која исклучиво треба да се прави во домот ) ги прават во некоја кафеана . Ќе си одбереш од менито, ќе си ги почестиш гостите , ќе им посветиш внимание и што е најважно нема да се отепаш од работа . Да ни се живи и здрави младите, внуците, возрасните, бабите и дедовците. Што убо го кажав ова ! Ве гушкам сите вас, ПАЦА !

Анастасија Кокан Петровска