Градовите се како луѓето. Ги има големи и мали, славни и обични, светли и мрачни, весели и депресивни, динамични и безволни. Како и луѓето, се раѓаат и умираат. Наспроти индивидуата, чиј роденден е утврден и е дел од биографијата, град со роденден е планетарна реткост. Рим е од ретките. На 21 април 772, според едни, 754, според други, 752, според трети пред новата ера, токму на празникот Парилија, епонимниот и митски јунак и подоцнежен прв крал на Рим, Ромул, со плуг од бронза, влечен од крава и бик, ја заора првата бразда, означувајќи ги границите на идниот град.
Приказнава, се разбира, е од подоцнежниот период, кога Рим
веќе стана империја и кога имал потреба од вакви датуми. Но тој
влезе во неговата историја и секоја година, торжествено и богато, долго и бучно се славел. Другите градови на своите родендени само се навраќаа. Градот Сплит неодамна прослави 1.700, Москва – 850, Санкт Петерсбург 300 години. И овие јубилеи не станаа минливи и еднократни славја, што се одбележуваа со некоја локална манифестација, ами национални датуми од извонредно значење. Државата го презеде менторството. Десетина и повеќе години во Санкт Петерсбург ќе се гради инфраструктурата и свеста за јубилејот. Завршницата стана
само финален чин на еден куп крупни содржини.

Ете, меѓу овие ретки градови со познати родендени е и Битола.
Ако Хераклеја Линкестис се прогласи за битолско градско
предградие, што таа тоа денес и е, тогаш годината 359 пред новата ера, кога првпат се споменува, би требало да се третира за нејзин роденден. Но денес говориме за нејзиниот именден. Благодарејќи на ,,Битолската плоча“ (1016г.) , кирилски споменик од капитално значење, се открива дека името на нашиот град е старо цел еден милениум. Тоа е голем и редок датум.

Александар Стерјовски „Битола низ вековите IX“