Засолнета од погледот на сите љубопитни граѓани, преправена и доградена како фабрика е уште еден голем репрезентативен објект кој се уште не го има добиено своето значајно и заслужено место од историјата на нашиот град. Некогашната градска болница„Гураба Хаста Хане” во Битола.

Болницата сеуште се наоѓа во близина на Црн Мост и затворот,некогаш била наменета за лекување на сиромашното население на градот.

На сликата сегашниот изглед на болницата

Самиот назив „гураба”- значи сиромав на турски како и го добива своето име.Заедно со болницата за душевни болни „Тимар Хане” и болницата за кожно венерични болни „Франги Хаста Xaнe” биле изградени во времето на Абдул Керим Паша кој бил битолски валија во периодот од 1895-1901 година.
“Болницата „Гураба Хаста Ханеси” се наоѓала во зградата на денешната текстилна фабрика „Пелистер” од левата страна на реката Драгор, во месноста наречена Крива Воденица. 

Била многу солидно зидана зграда и за тоа време, доста чиста и модерно уредена. Имала 100 болнички кревети кои му припаѓале на хируршкото и интерното Одделение. Лекарската служба во болницата ја вршеле поголем број битолски лекари, кои работеле по неколку саати во текот на денот. Извесно време, управник на оваа болница бил д-р Анастас Христидис. 
За време бомбардирањата на градот во текот на Првата светска војна многу настрадала и оваа болница. Со тоа нејзината дотогашна работа била дефинитивно прекината и покрај тоа што со извесни поправки можела повторно да се оспособи за својата намена. Меѓутоа, по војната болничката зграда била претворена во термоцентрала.”(*)

Ден денес немаме сознанија дали истата е под заштита на културното и историско наследство од Заводот на Р.Македонија. Ликот на истата е скроз изменет, останаа некои мали карактеристики кои само големите битолски професори, хроничари и историчари како Бојаџиев,Најдов и Стерјовски можат да ни ги доловат во нивните книги и списи од славното минато на Битола,кое сеуште и нажалост, остана скриено и непознато за нас битолчани…

Од книгата “Здраството во Битола” на Петар Бојаџиев

Фотографија од “Битола низ стари разгледници” на Димче Најдов

Дел од објаснувањето за локацијата на болницата е и од проф.Стерјовски