Мудрите рекле дека големината на еден човек се мери според големината на неговата душа и широчината на неговото срце. А колку децата со својата големина, широчина и чистина на душата умеат да ни одржат лекција за хуманост на возрасните, тоа го покажаа во овие празнични денови на дарување токму учениците од градежно-архитектонската струка при СОУ “Таки Даскало“ Битола.
Токму учениците од градежно-архитектонската струка, поттикнатти од своите професори по градежни и архитектонски стручни предмети, изградија мостови на солидарност и хуманост, и во овие празнични денови на дарување, ни подарија бесценети мигови и пример на хуманост, солидарност и безрезервна љубов.
Учениците од градежно-геодетската струка (градежен и архитектонски техничар) беа вклучени во проектот волонтерство за хумани цели под мотото “И НАЈМАЛИОТ ПОДАРОК МОЖЕ ДА ПРЕДИЗВИКА ШИРОКА НАСМЕВКА”, кој траеше во периодот од 18.12.2022 до 29.12.2022 година.
Целта на проектот беше подигнување на свеста кај учениците за емпатија, солидарност, одговорност и хуманост.
-Иако изминатиот период беше исполнет со многу предизвици, одговорности и неизвесности, сите учесници посветено, безрезервно и со многу љубов работеа на терен, во маркетите каде ја спроведуваа хуманитарната акција, заедно со хуманите граѓани на Битола, со една цел – за момент да предизвикаат топлина и радост во детските срца. Со срце и душа учениците и хуманите граѓани на Битола, донираа производи со цел да ги разубават новогодишните и божикните празници на децата и да измамат насмевка на детските лица – рече еден од професорите од градежно-геодетската струка.


-Како просветни работници знаеме дека сме ја постигнале вистинската цел кога ќе видиме дека во детските души сме вградиле вистински вредности и сме измамиле насмевка на детските лица, и со тоа сме ја постигнале светата просветителска мисија, сме им ги просветлиле душите и сме им вградиле вистински вредности на децата да бидат хумани, човечни и доблесни – истакна еден од професорите вклучени во хуманитарната акција.
Сите производи и парични средства кои беа донирани во изминатите денови, се подарени во домот за деца без родители и децата од ранливите категории.
-Од името на професорите и учениците од градежно-архитектонската струка сакаме да искажеме голема благодарност до учениците кои се вклучија во хуманитарната акција, до сопствениците и вработените на маркетите: “Футура“, “Ангромаркет“ и “Св.Тома“ и на сите хумани граѓани кои придонесоа во реализацијата на проектот. Упатуваме бескрајна благодарност и до вработените и децата од домот за деца без родители за топлиот пречек и времето поминато со нас. Воедно, на сите им ги честитаме новогодишните и божиќните празници – истакна еден од професорите од градежно-геодетската струка, кои од разбирливи причини не сакаат да се експонираат во јавноста, зашто акцентот и целта на хуманитарната акција беше промовирање на хуманоста, хуманите вредности и солидарноста.