Додека растев во моето Ушице, постоеше ред и време кога се руча. Се чекаше да дојди татко ми од работа и ручекот можеше да почне. На чело на масата седеше дедо ми, од неговата лева страна баба ми,десно татко ми , па ние трите деца и мајка ми најблиску до шпоретот и работната маса во кујната. Секогаш кога некој ќе побараше нешто, Цонка моја како на готовс ќе прискокаше и ќе донесеше. Станваше може десетина пати и секогаш остануваше последна да дојаде. Кога се омажив за Менде и кога потпораснаа децата , се претворив јас во Цонка моја. Го чекавме Менде да дојде од работа, масата веќе поставена , ќе седнавме четворицата и почнувавме да јадеме. На чело седеше Мендо, од двете страни децата и јас најблиску до работната маса.Имав едно правило,тоа што е зготвено , дали му се бендисва на некој или не,тоа што беше сервирано требаше да се изеде. Тоа беше изводливо се додека децата не тргнаа на училиште , тогаш се испомешаа работите , па ручавме на рати, кој кога ќе стигне , некој во 12 часот, некој во 2 . Сега кога се собираме сите кај нас за празници или некој друг повод , откако Менде е во пензија , си воведовме термин за ручање. Ручаме во 14 часот и еве ја Паца во улога на Цонка. Јас сум дежурнио келнер, сервирам, принесувам,додавам кој што ќе побара. Го проширив и менито, па сега за внуците готвам по желба, го заборавив правилото едно јадење за еден ручек . Точно дека внуците се сакаат многу, растеретена од многу обврски можеш да им посветиш повеќе внимание , при тоа внимавајќи да не се мешаш во нивното одгледување . Точно дека тие се нашата иднина, нашите наследници и продолжеток на нашето постоење, но уште поточно, тие се деца на нашите деца а ништо не се сака повеќе од сопственото дете. Додека беа мали им исполнував повеќето желби,некогаш се заигрував со нив, им читав сликовници, им плетев нешто, ги чував секогаш кога имаше потреба од тоа . Сега се веќе големи, редовно доаѓаат на заедничките ручеци и од врема на време да не видат, најчесто кога Менде ќе ја земе пензијата Доволно е да ве гушнат и да ви речат дека сте најдобрите дедо и баба на светот , заборавате дека некогаш беа мали диктатори и рекетери и дека постојано бараа нешто да им купите: чоколада, кроасан, смоки, сладолед, сликички за албуми, сокчиња, некоја играчка. Не секогаш можев да им ги исполнам желбите, барем беа разбрани кога ќе им објаснев дека немаме доволно пари да им ги купам сите работи што ги посакуваат. Не се дрецкаа , не вриштеа не правеа непријатни сцени за да ти се иди да пропаднеш в земји. За тоа имаат заслуга и мојата ќерка и мојата снаа, а бидејќи знам дека ги читаат моите раскази, еве јавно да им се заблагодарам и да им кажам дека сум поносна БАБИ на моите четири добро воспитани внуци . П.С. БАБИ сум јас, некако ми звучи светски а сепак е наше.Кога можат сите да се прекрстат и да си ставаат модерни имиња и прекари, оти да не можи и Паца ! УЖИВАЈТЕ ВО ДЕНОТ ШТО Е ПРЕД ВАС – ПАЦА!

Анастасија Кокан Петровска