Кој можеше да претпостави дека некогаш ќе се знае дека некој фудбалер од Португалија, Шпанија или Англија кое јадење најмногу го сака, со кое друштво излегува во кафеани или, едноставно, како го минува своето време подалеку од фудбалските терени. Тоа за денешните фудбалери од цел свет, па и кај нас е едноставно и познато. А некогаш не беше така. Се знаеше дека некој занаетчија битолчанец е фудбалер, каде живее во градот и ништо друго. Подоцна со сè поголемата популаризација на фудбалската игра, па и воопшто на самиот спорт многу работи во животот на спортистите се знаат во детали. Со тоа се повторува мислата, посебно за фудбалерите, дека фудбалот е најзначајната или најпопуларната неважна работа во светот. Со текот на времето и кај нас одредени влијанија од надвор започнаа да се применуваат, така што веќе се знае за кој фудбалер како го минува слободното време или со што се занимава надвор од фудбалскиот терен. Во нашата истражувачка иницијатива да ги осознаеме починатите „Битолски спортски легенди”, наидувавме на големи тешкотии, зашто најпрвин голем број нивни активности не се никаде евидентирани, повеќето се починати, и нивните членови и соиграчи на фамилиите, така што некои работи кои би требало од ова временско растојание да се расветлат, се соочуваме со голем број тешкотии.

Но, за новинарската професија не би можело да важи правилото непознато, или не се знае. Со напорната работа се расветлуваат одредени заборавени моменти и личности од секоја средина. Така, разговарајќи со пензионираниот судија за прекршоци Владе Методиевски (сега починат), разоткриваме низа значајни детали од некогашното минато во градот. Тој како жива енциклопедија се сеќавал на
настани и личности, па дури бевме изненадени кога ни посочуваше дека некој настан што се случил пред 40-50 години, помни дека притоа врнело дожд, што разговарал со тие личности итн.

Но, бидејќи овојпат наш голем интерес беше улогата на неговиот татко Александар, или едноставно, како што го викаа – Ацко Бурекџијата, дознавме и дел работи од првите почетоци на формирањето на фудбалските клубови во градот, непосредно пред Втората светска војна, за фудбалерите коишто настапуваа низ маалските клубови, а пред сè, за улогата на неговиот татко Ацко, кога во еден период бил претседател на ФК Југославија.

Владе нè запозна дека неговото семејство има длабоки корени во
револуционерната дејност на нашиот народ, дека негови претци меѓу кои и Ванчо, стрико на неговиот татко, бил заменик командант во четата на војводата Никола Петров Русински, кој иако потекнувал од струмичкото
село Русиново, бил одговорен за битолскиот револуционерен округ и дека Ванчо во борбата со турскиот аскер загинал кај селото Дуње, притоа дека дедо му на неговиот татко загина по едно гранатирање од Пелистер кон Битола, за време на Првата светска војна, но што е најважно, дека неговиот татко, кој под кирија поседувал познатата и ден денес ,,Слаткарница на Сали”, крај мостот на реката Драгор, кој исто така, се нарекува по Сали, била собиралиште на многу тогашни фудбалери, кои имале игралиште кај некогашното „Бумбе маале“, денес познато како „Бела Чешма“ и се наоѓало непосредно под Еврејските гробишта.

Во неговиот дуќан се собирале претежно фубалери од „Јени Маале” и „Бела Чешма”, и дека по секој фудбалски натпревар се почествувале во бурекчилницата со бурек, јогурт и слатки и дека сета своја љубов кон фудбалот ја негувале со голем жар и симпатии. Во еден период кога сите нив Александар – Ацко ги прифаќал тие и го убедиле да го води клубот, да стане негов претседател со што, на извесен начин, како таков и се запишал во историјата на битолскиот фудбал.

Инаку Александар Ацко Методиев Наумовски потекнувал од с.Велмевци, роден беше во 1927 година, а почина на своја 90 годишна возраст во 1997 година. Неговие родители беа Методија и Менка со потекло од с. Големо
Црско. Брат му Васко Наумовски работеше како службеник, сестра му Марика Костовска домаќинка, додека неговата сопруга Санта Котевска од с. Градешница со која во брак ги имаа синот Владе – поранешен судија за прекршоци и Данче професорка по физика, сопруга на Ставре Гина, кој своевремено беше еден од најдобрите кошаркари на битолските клубови. Можеби треба да се посочи дека Ацко Бурекчијата, во овој случај претседател на ФК „Југославија“, со рузиер (отстапнина) му го дал дуќанот на Сали по 1941 год., а потоа со него раководел откако Сали заминал во Турција, Јонче
Андонов викан Халрој по името на тогаш познатите американски филмови артисти Хари и Лојд. Дуќанот – бурекџилница Ацко го работеше некаде од 1928-29 година и како што рековме, беше собиралиште на познати битолски фудбалери, посебно оние од клубот ,,Југославија“.

Извадок од книгата „Битолските спортски легенди“ на Петар Стврев, еден од 100 раскази. За порачка контактирајте нѐ на телефон 070 796 104.