Пред неколку дена пред влезот ја сретнав Лилето, го шета внучето од ќерката .
Да да та де Лилето де , комшивката .
Лилето на Гоце.– И викам еј Лиле бе Шо прајш?
Ми вели еве комшија ја шетам Буквата !!!!!!!
Јас така целиот се зедов во секунда .

Се стаписав .

Абе велам Лиле арна си ?

Абе која буква велам ја шеташ гледам со внучето си в раце.

Да де комшија ми вели внучето од ќерката буквата.

Ама добро бре жено објасни велам каква буква .

Леле комшија ти па вели ништо не разбираш.

Ми вели јас како се викам ?

Ај велам Лиле не играј мајтап , како се викаш знам како се викаш ти туку шо е со буквата работата?

Вели ај да ти објаснам гледам не чактисваш.

Та ко се роди внуката , јас сакав да ја крстат на мене . Лиле , Лилјана .

Ама ко скокна та сваќата , ко некоја качунка, вика на две се дели.

-Не никако, како да не старско било името мое.

Оти Паца нејзиното е многу модерно.

Ко рипна тој зетот, Кристофер ко петел да скока -не вели бабо никако, без лутење .

Ние ке си клајме некое модерно име , ама ај еве да не ти кршиме атер еве ке ја земиме првата буква од името твое Л и ке го крстиме бебето Луција.

Вели комшија , дамлата ме дамлоса .

Ах море комшија ми вели Лилето , глата да ми ја скршеа поарно од атер шо ми напраја. Сите комшивки од зградата ми се смејат.

Надето од втори , Марето од четврти , Зорето ….сите комшија сите .

Аман бе велам Лиле шо ти е гајле нека си зборат .

Е како вели нека зборат секој ден кафе си пиеме заедно . Си имаме идење , земање.

Е велам добро де ете барем атерот ти го напраја со буквата зетот и ќерката со буквата .

А па та шо ке ми одговори .

Аме еве и јас комшија сега така од атер ја шетам буквата .

Туку ми вели комшија ај да те остам со здравје да ми ја дам буквата на Гоце да одам да се спремам , Кире на Љубето ги фрли чевлите ке одиме со Марето на свеќа да си на напрајме една чест.

И замина.

Ме остај така зачуден на сред улица.

Ама таква си е Лилето. Таква си е од Господ даена.

Целата ко земена ама пак своја.

Со неа тешко , без неа уште потешко .

Да ја немаше требаше да ја измислат .

Една единствена .

Лилето на Гоце.

Сашо Краљ