Летен ден на 1938 година. На тротоарот пред кафеаната на Лазо Лесковчанец на Широк Сокак седеа група професори на Средното економско училиште. Меѓу нив беше единствено неженетиот Цаглевиќ, Хрват, родум од Сплит. Колегите го задеваа Цаглевиќ со зборовите:

„До кога бе, колега, ќе скиташ по разни кафеани барајќи топол ручек, со неиспрани кошули
и неиспеглан, без семеен дом и женска насмевка”? Време е да се задомиш оти веќе наближуваш 30.

Така течеше муабетот густирајќи скара и ладна бира.

Во еден момент одозгора по Широк Сокак се зададе височка девојка која нервозно чекореше во бели патики, слично на хероината од германскиот филм „Кралица на полињата“. Еден од масава на професорите му викна на Цаглевиќ,

,,Еве ти девојка и жена за тебе. Биди јунак, да те видиме”.

Цаглевиќ се обѕрна, ја здогледа девојката и неочекувано тргна по неа. Таа сврти кај уличката (денес Елпида Караманди), продолжи преку Мечка Маале и Петочна вода и кај фурната на Блаже Димитровски и навлезе во својата улица Кланичка, но овојпат за прв пат наопаку, бидејќи живееше доста натаму, на број 28. Цаглевиќ одеше по неа и влезе во нејзиниот двор.

Се качи по скали на убавата куќа, тропна на вратата и дури влезе внатре. Го пречекаа мајка и ќерка вчудовидени и уплашени да не е некој натрапник. Се претстави,
како што умееше и знаеше, со манир на еден сплитски шармер. И прозбори:

,,Јас сум професор и барам стан под кирија“. А богами, мајко, се обрати на постарата жена, јас оваа млада дама би ја зел за жена.

Вчудовидени жените се гледаа една во друга и во него и се прекрстија. На ова Цаглевиќ додаде

„Гледам дека сме христијани. Ова ќе ни ја олесне работата.”

Така и се случи. Цаглевиќ доби стан, доби добра кујна, што е најбитно, доби жена и тоа сé со еден потег. На рака му одеше моментот бидејќи синот Петар Стојаноски, мој школски другар, замина за Австралија кај татко му и сега во големата печалбарска куќа на Кланичка празно место имаше за еден маж. Цаглевиќ влета во вистинско време. Кога одеше на работа со својата млада сопруга на улица моментно се простуваа со бакнеж, што за околниот конзервативен периферија на Битола беше филмски настан.

Треба да се додаде дека одлучувачки момент за овој брак беше и тоа што нејзината студентска врска Симјано во Загреб се зафатил со својата млада газдарица, а девојкава тоа го дозна и, му доаѓа како одмазда, па се реши на брак со Цаглевиќ.

Која беше девојката што на ваков начин и мошне брзо стапна на луд камен?

Д.Д.Такец , Перформансите од Широк Сокак