Изминатиот викенд (29-30 март 2025) на Спортскиот Аеродром во Лариса, Грција, се одржа Светски КУП натпревар во категорија F5J – радио управувани едрилици со моторен погон. Натпреварот беше организиран од Аеро Клубот Лариса и претставуваше дел од интернационалните воздухопловни натпревари на FAI, како и европската лига CONTEST Eurotour.

На натпреварот учествуваа 30 натпреварувачи од Грција, Македонија, Бугарија, Романија и Англија. Македонија беше претставена од четворица пилоти, меѓу кои двајца од Битола – Насте Здравески и Драган Цветановски, членови на Аеро Клубот „Мирко Тодоровски“.

Насте Здравески го заврши натпреварот на одличното 8. место, додека Драган Цветановски постигна извонреден успех освојувајќи го првото место! Со оваа победа, Цветановски ја запиша својата прва триумфална титула на Светските КУП натпревари во категоријата F5J, носејќи голема гордост за македонскиот воздухопловен спорт.

Честитки за македонските натпреварувачи и посакуваме уште многу успеси во иднина!