Во изградба е првата смарт, по англиски или паметна по македонски, зграда во Битола. Локацијата се уште се држи во тајност со цел да не се нарушува приватноста и замислата на изведувачите, таа да биде смарт од почетокот па се до крај.

Покрај оваа зграда се планира да нема загадување или галама од мотори и возила, да нема гласна музика од кафичи и ресторани, ниту пак деловни простори каде ќе има маркети со ефтина роба и многу посетители од најразличните делови на градот. Се предвидува зградата целосно да биде со поглед на Пелистер, во комшилок каде ќе нема гулабари со кокошки или пак домашни механичари кои од 6 сабајле чукат со чеканот или сечат нешто со брусалица. Зградата дека смарт ќе има висока звучна изолација до степен и најсилната музика од Тепсија да не може да пробие.

За сите заинтересирани купувачи ќе има посебна безбедносна проверка, лекарски и психо тест, со проверка на нивното минато до седмо колено. Ќе има и IQ тест кој треба да го задоволи високото ниво од над 120 поени. Комшиите еден до друг ќе бидат сместувани според нивниот хороскоп и натална карта, како на пример на еден спрат можат да бидат само воздушни знаци Водолија, Близнаци, Вага, на друг Лав, Скорпија, Рак итн. Сите ќе потпишат изјави на Нотар и ќе се заколнат со заклетва доколку го нарушуваат јавниот ред и мир и ќе прават било какви проблеми дека ќе бидат отселени, а станот одземен без било каква надокнада . Ќе има посебни правила како забрането пуштање на вода од казанчето после 22 ч, заедничко спуштање на ролетни во 21.00 ч. Секој стан ќе има ТВ приемници со гласност до 20 децибели, становите ќе се продаваат исклучително на лица кои не чекаат Имиња како Зоран, Златко, Игор итн. Испраќањето на гости најкасно во 22.00 ч., а сите правила ќе бидат строго регулирани од чуварската служба на зградата и многу друго… ни изјави Наум Умновски викан Паметнио, инвеститорот на првата Смарт зграда во Битола.

Радосен сум што конечно имаме избор и можеме да купиме стан каде што ќе живееме како луѓе. Пресреќни сум дека сите станови ќе имаат специјални мерачи за бучноста така да и жената нема да може да ми се вика на цел глас ако и згрешам нешто или ако ѝ ја спомнам мајка му. Едноставно брат плаќам и неќам да се замарам. Ме израдува и понудата во која можете да си одберете пиво, вино или ракија на другиот дел од славината, навистина инвентивен и смарт систем…на крајот ни изјави еден од потенцијалните муштерии кој не сакаше да го кажи неговото име бидејќи не сакал да изгледа смарт уште од сега.

Да се надеваме дека овај пример ќе го следат и другите инвеститори и Битола конечно ќе стане смарт сити по примерот на мегаполитските градови наоколу низ светот како Дубаи, Сингапур и Хонг Конг.


Веста е измислена и од забавната рубрика ЛабавО и е наменета само за забава на пошироката народна маса, додека не се измислени проблемите кои се јасно наведени во неа.