Понеделник 6-ти февруари 2023г. .Разорен земјотрес во Турција и Сирија. 7,8 степени според Рихтеровата скала што ја погоди јужна Турција рано. Тоа бил најмоќниот земјотрес во округот во последните 80 години. Има многу жртви. Почнуваат да се редат еден по еден црните извештаи. Траорните сцени и слики од урнати згради, луѓе и деца под нејзините урнатини. Апокалипса. Во Македонија се започнува со донации. Донации преку телефонски број. Продолжуваме по тој пат, донираме споделуваме. Но ни фали нешто. Дојде вторник. Телефон за донации, пак само тој. Замина една пет члена група од Битола под раководство на Дирекцијата за заштита и спасување на РМ. Чуствуваме некоја празнина, гледаме наоколу никој не мрда со прст. До нас започнаа да стигат пораки „Имаме алишта, обувки и топла облека каде да донираме?“ Ние со прашалници. Гледаме Скопје веќе се организира нешто, шатори, апели за донирање шо и како. Каде. Кај нас ништо. Во порака на нашата страна Бабам Битола добиваме инфо од Назар Салиевска дека ќе имаат пунктови за донација во с. Будаково за да споделиме. Имале и закажан транспорт од Будаково за Турција бидејќи повеќето жители се од турска националност. Си велиме во нас, далеку е Будаково за битолчани. Јавно ги запрашавме Црвен Крст за да се организираме заедно. Не добивме ништо повратно. Пораките продолжија и понатаму: „Сакаме да донираме, облека, предмети за хигиена!“ Пративме порака до Назар, дали доколку ние би организирале пункт во Битола би можеле да ни помогнат и донациите да стигнат на крајната дестинација? Назар како едвај да чекаше тоа да ѝ го речиме. Радосна ни рече „Имам и сестра, Налан, ќе ја земам, двете ќе дојдиме Битола“. И така бидна.

Ја одбравме Магнолија како центар на Битола и место кое е лесно достапно со кола.

– Земете знаме турско ако имате, и рековме.
– Ќе донесеме, со задоволство ни вратија.

Се сретнавме другиот ден, средата во 9 часот. Беше минус шест. Камен ладно. Неколку групи битолчани веќе како да не бараа околу Магнолија каде сме . Со полни најлони во рацете.

– За донирање ги прашавме, „Да“- ни одговорија, „Каде да ги оставиме?“.
– Ете тука им рековме, кај споменикот . И така се почна. Баш на време. Господ како да сакаше тогаш кога никаде ги немаше големите се појавивме ние малите.

Битолчани ја препознаа нашата искрена намера, го испочитуваа апелот на нашата битолска социјална мрежа започнаа да носат и да донираат.

Ни донесоја буквално се. Од облека, обувки, ќебиња, јоргани, хемиски производи, памперски и шо не. Многу. Паркираа со возилата, ние ги пречекувавме, ги земавме донациите и ги носевме кај споменикот на Филип Македонски кој беше украсен со турско знаме.

Векови сме заедно тука во овој град под многу различни знамиња, но сите сме со иста топлина во срцата. Тоа меѓусебно го почуствувавме.

Во текот на денот ја видоа големината на ова што го правиме, ни дојдоја на помош и Енвер, Сенко, Суад, Арбен и многу многу други. Многу поминаа, ни помогнаа дури ни требаше помош и си заминаа така скромно поздравувајќи не најдругарски.

Назар и Налан останаа до касно вечер. Сето донирано го селектираа и пакуваа во магацин.
Низ денот од битолчани до нас беше побарано да се отвори уште еден пункт во Нова Битола. Побаравме доброволци се јавија одма. Џанан, Анастасија, Мартина .

Ете и втор пункт . Денес, четврток бевме со два пункта од 8 сабајле на минус 8.

Исто како претходниот ден, до 13, 14 ч. Се донираше, носеше, пакуваше. Сите заедно. Наполнавме еден шлепер, еден камион и неколку комбиња кои заминаа за Скопје.

И од таму со друг транспорт ќе одат за Турција и Сирија. Меѓу нас скромно си велиме дека направивме нешто. Можеби можевме уште повеќе, но за нас сите ова беше едно ново искуство кое искрено беше носено само од желба да се помогне. Да се собери добрината и милоста од сите наши сограѓани и да се испрати на место каде таа моментално најповеќе му е потребна.

Има ли нешто друго поубаво на светот од ова човек што може да направи?

Си велиме дека нема. И тоа од срце. Од срцата на битолчани, преку нивните раце до нашите раце и срца. Стоплено, престоплено од сите нас и подарено со многу искрени чувства и емоции кои им требаат на некои таму далеку во Турција и Сирија. Пак барем на кратко да го почуствуваат повторно тоа човечкото кое моментално е разнишано во нивните потресени души, од кои се уште се со прашина од урнатините. Од нив многу уште очекуваат некој да ги спаси.

Битолчани, шо можеме да Ви речиме ? Верувајте, за вас сите убави зборови на светот малце се.

ВИ БЛАГОДАРИМЕ.

Ви благодариме за вашата несебичност, хуманост, срдечност, добрина. Ви благодариме за сите убави желби кои ги посакавте за населението каде треба ова донација да стигне. Благодарение на вас, ние малите покажавме дека заедно со вас можеме да бидеме многу ГОЛЕМИ. Толку големи колку што сме сите во срцето. Срцето кое ни е како О од Бит❤ла. Дел без кој никој од нас не може да живее и функционира.

За понатаму доколку има нешто ќе Ве известиме. Ние имаме само една желба, да останете големи во срцата како досега, ништо друго не треба. Да сте живи сите. Двата дена БИТОЛА ДОНИРА завршија успешно за сите нас. Нас душата ни е бавча.

Голема благодарност до бурекџилница Џеко, пицерија Буре, Премиум Пиво, Тиквеш, Пеко, Спорт Реалити и Спорт Вижн, Мегаспорт, Виго, Силган, Филип Морис, Винстон, Арбен Карго, Амер Амел Транс, картонажите во Битола Фустеларко Борец и с.Кукуречани и многу многу други, еден куп чупиња, другарчиња и кој не. Нека ни простат и тие шо ги испуштивме зошто знаеме дека и нив како нас друго ни беше целта. Нека е само за убо.

Ваши Бабам Битола.