Битолските дами, девојки носеа најлон чорапи. Тетка Фана Делифана штом и се скинеше чорапот, ме праќаше во „Бата“ да го закрпат. „Бата“ или „Борово“ се наоѓаше на корзо, наспроти Католичката црква. Таму се продаваа чевли, чизми, сандали, дури и гумени опинци. На влезот, од десната страна, седеа две жени, кои, со помош на лупа и стаклени чаши, ги крпеа котелците од чорапите. Занимливо ми беше да гледам како стрпливо, со помош на една игла со кука, низ котелецот, го провираа свилениот конец, откинат од дотраени чорапи. Котелец по котелец ги заплетуваа и со игла на крајот ги закрпуваа. Кога носев чорапи на поправка, се радував и заради тоа што во „Бата“, по средината на продавницата, имаше неколку скали, a на спратот до скалите дрвено коњче на кое се крлавме. Во свежо сеќавање ми е мирисот на кожа во таа продавница. Нема дилема дека квалитетот на кожените чевли беше врвен. Траеја долго, се предаваа на другите деца или пак се носеа на кондураџија. По неколку пати кондураџиите менуваа ѓонови или петици и потпетици. Во таа продавница се продаваа бои и четки за чевли во сите можни нијанси. Бојата беше во тркалезни кутии со капак и интензивен мирис. Многупати ја отворав кутијата за да мирисам. Премачкани со слој боја, се оставаа извесно време да се впие во кожата, потоа со меката четка ги лскаа до висок сјај. Дели Фана тоа го правеше катаден. Мажот и беше шнајдер од Добрушево. Имаше дуќан во чаршијата.

Мијал со иглата цела куќа ја храни потенцираше тетка Фана. Дуќанџија, сиот треба да свети, молскотат чевлите, да свети, ами не!

Нејзиниот архаичен говор, беше говорот на битолчани. Толку нежна беше со мене што јас се топев од милина во нејзината прегратка. Од неа научив: „да не се штедиш кога работиш, а доколку не ти се работи, остави за другиот ден кога ќе те фати мерак за таа работа“.

Калдрмата пред порта светеше, како да е полеана со сјај. Кај нив, по цепењето, дрвата се редеа во камарите околу дворот, под конец. Скалите за горниот спрат се белееја. Тоа го правеа нејзините ќерки Виолета и Венера. Беа девојки, убави како „капка“. Се дотеруваа по последна мода. Сами шиеја разни блузи, сукњи со фарбели, со тул, креолина, струкирани тесни, впиени за телото. Имаа истенчен вкус.
Ме третираа како домашна. Со тетка Фана месевме турте, чистевме, спремавме зимници од сушен зеленчук и овошје. Кога чистевме ореви на маса во дворот, ни велеше да пееме. Тоа имаше логика. Ако пеевме, не можевме да јадеме од оревите. Фамилијарно одевме на излети. На капејнци перевме черги, дифтици во реката Драгор, Тумбе Кафе. Раде, најстариот син и Виолета, беа вљубени, им се смеевме за љубовниците кои ги чекаат во темница.
Венера беше неколку години постара од мене, убава, згодна, паметна. Мана не можеше да и најдеш. Комшивките за неа зборуваа во суперлатив. Имаше другарка Рада -Мисо ја викаа, која живееше на „Димитар Влахов“. Беа американлии. Таткото Јонче Мустаќо, сериозен, намуртен човек, кога минуваше низ нашето маало. Баба Вета велеше дека сурат не му се насмева, богат, „крената гла“. Љупчо виолинистот, пијандурата, Мијал на Клочои спрема него се аристократи. Кај Рада Мисо се учевме да вртиме хула-хоп. Моне, брат и, велеше дека се обликува струкот со хула-хоп. Рада ни подари еден хула-хоп и со Венера нон-стоп во дворот вежбавме. Ги научивме сите вештини. Вртевме на една рака, на нога, на врат. Ни се шегуваа децата, Жежовци, Савка, Веса музејката дека се спремаме за циркуска претстава.
Еден ден Венера ми вети дека ќе ме носи со неа на игранка. Дотерај се убаво, ќе одиме на игранка во Гимназијата „Јосип Броз Тито“.
Ме подготви да знам како да се однесувам. Кога влеговме во салонот на првиот кат, свиреше музика. Млади младичи и девојки, седеа покрај ѕидовите, па дури и на скалите гледаа како играат во средина валцер. Иако бев подготвена каква ќе биде атмосферата, сето ова за мене беше новина. Многу гужва, силна музика, парови. Се провиравме низ врвежот рака за рака фатени. Венера на сите им го одвлекуваше вниманието. Ги фаќав погледите како зјапаат во неа, дофрлуваа, мислејќи дека и сум сестра. Однеси ја сестра ти дома, да спие да порасне, се уште е мала за на игранки. Изгледа мајка ти ти ја тупурдиса сестра ти, инаку, не те пушти од дома да излезиш оти си лична, да, не те грабне некој-од сите страни довикуваа.
Венера, свесна за својата убавина и привлечност, се смешкаше. Со поглед, бараше некого. Ништо не им одвраќаше,
Ме држеше за рака и ми велеше: Немој да се секираш, нека си зборуваат, баш ни е гајле.
Дефинитивно, се здогледаа. Се поздравија. Осетив дека сѐ вљубени еден во друг. Зрачеа, држејќи се за рака. Ме остави да седам покрај двајца другари, да не мрдам, додека тие играат. Музиката беше во живо. Гитари, тапанари. Ја запаметив песната Симеон, О’ Карол. По неколку пати ги свиреа и пееја тие песни. Играа со пуштање и вртење околу раката, твист, танго. Стиснати еден во друг, си шепотеа, се смееја, ги гледав и помислував дека тоа е Наце од Титов Велес за кого ми зборуваше дека и е симпатија. Не погрешив. Кога требаше да се вратиме дома, тој дојде со нас. Кај уредот ми рече да ја почекам пред куќата на Вера Паница. Зорето, Цвета на Сика, Марето на Митревци и Лефта, кога ме видоа застанаа со мене, распрашувајќи ме кого чекам. Кога им се пофалив дека бев со Венера на игранка, не ми веруваа. ”Како да не, Лила, на игранка. На сон или на јаве. Види, види, лаги со опашки. Е, речи жими мајка, да ми умри мајка довечер- ми се подбиваа. Се колнев во се живо што си имам. Дојде Венера. Taa им потврди. Ce истрчаа низ улица на сите да им раскажат, небаре којзнае што значајно се случило. Уште пред порта Маpa на Гeнa почна да се мајтапи. Ни беше јасно дека тапанот го бувнаа, Цело мало, од најстаро до најмало, само на наша сметка се мајтапеа. Ете ги шеталките, танцоваат на игранка, танго, твист, како не се срамат, па уште се фалат -мајтапи кои ми дојде преку глава.
Ги насскав машките деца да ги искубат како чавки, штом се обидат повторно да не исмејуваат. Престанаа. Тетка Фана се обидуваше од мене да извлече дали Венера има дечко. Ветувањето го одржав. Не и признав до моментот кога таа сама и кажа. Тетка Фана умре на капејнците во Дихово. Тага и жал ја сви целата улица. Нема никогаш да ја заборавам мојата Фана. Бев несреќна дотолку повеќе што ми се затвори едно поглавје во убавото детство со неа. Мијал се прежени. Зеде стара чупа од село. Од дамата до втората жена на Мијал имаше огромна разлика. Просто не можев да ги спојам.
Маштеа си е маштеа зборуваше Венера.
Се омажи во Титов Велес за својот сакан Наце. Беа извонреден пар. Меѓутоа, се разочарав кога разбрав дека се paзведоа. Вистинска штета. Подоцна, анализирајќи ги настаните, дојдов до заклучок дека некои силни, страсни љубовни врски лесно се кинат.
За хула-хопот што ни го даде Рада Мисот, на Венера другарка ѝ, имавме расправии. Одлучивме да земаме пари, по динар за два-три круга и тоа со ред.

Џутата на Клочовци беше хипердинамично дете. Него му се чинеше дека само тој е во право. Ќе го грабнеше хула-хопот и бегаше во ширината сам. Сите ќе се стрчавме по него.
“Инаетчија како магаре. Плати, па клати. Му зборувааостанатите деца од маалото.Плати брат ми за мене… Е, тогаш само брат ти ќе врти. ”
.. Не туку се карајте за џабе КУСУРЏИИ НИЗАЕДНИ, сите ќе вртиме. Ете јас нема да вртaм. Мојот ред нека го користи кој сака, ако јас дадов пари.
Јани на Мара сакаше да ги смири тензиите.
-У, браво, многу си бил културален, ти, бе, си господски чоек, ту, ту, ту, палениот. Го критикуваше Гена.

-Ај, истреби се, не туку брбори. Ти си кул, ку, културална, де. Ми се плетка јазикот. Маро, знајш оти изгледате како ченѓии со тој пален хула-хоп.
-Уф, мене гајле, „лази бубе“ шо кажа!
-Јас „лази бубе“ ти „Шерифа“.
Додека тој хула хоп не се испартали, не го оставивме.
Кога се искрши, чичко Пиди го заврза со коноп и лепило, но веќе не беше за употреба.

Извадок од книгата “Огледало на животот” на Љиљана Дијакова Томичиќ