Времеплов Битолско – Прилепските односи

Рампо Снагата од Прилеп и Гоце Карабацката од Битола, двајца најголеми мајтапчии во своите градови, пред половина век се скарале на градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп, на полувремето од вечното пелагониско фудбалско дерби, помеѓу Победа и Пелистер, кое одлучувало кој ќе биде шампион во првенството. Со своите “мајмуни”, Рампо дошол до гостинската трибина и сакајќи кавга, викнал: “Јас сум Рампо Снагата, чкембари, да ве нема оттука”. Тогаш корпулентниот Гоце Карабацката, предводник на “чкембарите”, мртов ладен, му возвратил: “Јас сум Гоце Не ме гибај, од мајмуни не се плашиме!”.

Двајцата мајтапчии сега се блажено упокоени, но нивниот шармантен мајтап, ироничен, но нималку саркастичен, стана антологиска прилепско-битолска анегдота, која се прераскажува од генерација на генерација. А денешните мајтапчии од двата града, овој стар мајтап го освежија со нов аранжман: “Битолските чкембари, откако ги дојадоа чкембињата, му се нафрлија на прилепскиот ширден, а прилепските мајмуни слегоа од дрвјата и слободно си се шетаат по Широк сокак”.

Во денешно време битолчани и прилепчани искрено си се шегуваат на заедничка сметка, на некогашното луто комшиско ривалство на своите предци, при тоа и самите не знаејќи зошто со децении се пизмеле без причина.

– Будалски времиња беа тие. Кога играа Победа и Пелистер, родителите дома се тресеа, како да одиме на фронт, а не на фудбал. Непотребно се озборувавме и се омаловажувавме, навредувајќи се дека едните се чкембари, а другите мајмуни, дека едните се само за на дрво, а на другите им се искривило малото прсте од десната рака од влечкање на чкембињата што ги миеле на реката Драгор. Но, се изменија времињата, луѓето од овие два соседни града навистина се зближија и се засакаа. Соработуваат, се дружат, не можат едни без други, станаа добри соседи и пријатели – раскажува еден стар прилепчанец.

Животот го направи своето. Сега има многу “мешани”, прилепско-битолски бракови, многу љубовни врски, прилепчани работат во Битола, битолчани во Прилеп… Секое попладне врие од битолчани во прилепската чаршија и во рестораните, а во сабота битолчани специјално одат на пазар во Прилеп, оти тогаш е пазарен ден во овој град.

– Се е поевтино во Прилеп. А има и голем избор во продавниците и во бутиците. Пазарот исто така тежи од производи, од пиперки до биено или “тепано” мариовско сирење, како што го викаат овде, повкусно од кашкавал. Прилеп станува вистински трговски град. По пазарењето одиме во ресторан, на ширден. Тоа е прилепски специјалитет, кој го нема никаде во светот и прилепчани треба да си го заштитат како своја реликвија, за некој да не им го украде и да го патентира. Пред две недели влеговме во ресторанот “Македонска куќа” и таму две третини од гостите беа битолчани, кои чекаа келнерите да им донесат ширдени. А прилепските угостители прават и одлична скара – вели еден битолчанец.

Прилепчанецот Љупчо од директор станал технолошки вишок. Си отворил краварска фарма. За побрзо да си ги наплати парите, предаденото сурово млеко го компензира со млечни доработки, кои ги добива од млекарницата и кои исклучиво ги продава во Битола.

– Штом влезам во битолските фирми, веднаш го продавам биеното сирење, а и другите производи. Со тоа ги студирам ќерките. Одлично сум прифатен во Битола. Овие два града никогаш немале подобри односи – вели тој.

И прилепчани само најубави зборови имаат за Битола.

– Навистина е убав Широк сокак. Кога ќе стапнеме на него, се чувствуваме како да сме во Европа. Имаме многу пријатели, роднини и кумови во Битола. Преку нив сфативме дека битолчани се многу гостољубиви луѓе и неоправдано ги правеле големџии. Битола навистина е центар на овој регион и не само што овој град го признаваме туку и го уважуваме како таков – искрено истакнуваат прилепчани.

За блискоста на луѓето со најубави зборови говорат и студентите од двата града, од факултетите на Универзитетот “Свети Климент Охридски”. Тоа го тврдат и битолските и прилепските бизнисмени, кои соработуваат како никогаш до сега.

– Кога на сабајле доаѓаме во Битола, прво одиме на чкембе чорба во “Безистен” и во другите ресторани. Со право битолчани уживаат во неа, оти навистина е добра и те крепи цел ден, се до ручек – вели еден прилепчанец.

“Пивофест” во Прилеп веќе не може да мине без битолчани, а прилепчани доаѓаат на Хераклејски вечери и на Манакиевите средби во Битола. Одлично соработуваат и битолските и прилепските спортисти, музичари, артисти, професори, новинари, земјоделци, инженери, лекари, судии, хуманитарци, сликари и луѓето од многу други професии. Лутото комшиско ривалство веќе е историја.

Извор