И во Битола Ромите доста рано беа се настанале. Првите податоци говорат дека во 1523 год. веќе имале џемаати (заедници) и во селата и во градот. Во Бистрица нивниот џемаат броел 13 семејства, додека во Железнец – 4 и сите биле со христијанска исповед, додека во градот изнесувал 44 семејства со муслиманската вероисповед.
Како градот се множел и ширел, се множеле и нивните населби. Во средината на 19 век имало и такви кои се препознавале како „цигански маали” едно е регистрирано и како Ѓупска Маала, а се наоѓало под Камен мост од левата страна на реката Курдерес, кое, заради занимањето на дел од нејзини жители како забавувачи со мечки, почнало да се именува и за Мечкар Маало.
Најголемиот број биле настанети на Бајро, а и таму биле распределени на неколку прилепени еднадодруга локации, познати како кај Зарија (Горен Баир), Кај Арапката (Среден Баир) и кај Кулуко (Долен, Смилевски Баир). Други две се оформиле едно во североисточниот дел од градот познати таму како Кај Ѓупците.
Во врска со нив, многу често и од највисоко место, од румелискиот валија, до Битола пристигале предупредувања дека нивни групи како свирачи крстарат низ селата и прават штети ограбувајќи, едно такво дошло на 5 јули 1804 год., друго во 1819 год.,продолжиле да пристигаат и понатака, но сите останале без некој ефект.
Горен Баир (Кај Зарија), каде и денес живеат најголем број од
нив, остана целосно изолирана енклава од каде излегуваат и најголем број полупрофесионални и професионални свирачи и пејачи. Летните вечери отсекогаш таму се преобразувале во најпривлечни градски музички концерти на кои надоаѓале и поединци и групи и од други делови од градот. Оттаму и денденес надоаѓаат групи свирачи, кои со своите музички настапи ги збогатуваат празниците, го прават тоа бабарите во зима со необичните страшни маски, клопотарците, тапаните и зурлите, следат потоа девојките Ромки лазарки и другите слични состави во пролетните и летните празници, со што придонес даваат во збогатувањето на музичкиот живот во градот..

Извадок од книгара „Музика” на проф. Александар Стерјовски